- Advertisement -
ЕкономијаНовостиСветот на работникот

„Ни во 2022 година бројот на работни места нема да биде на нивото од 2019 година“

Ни во 2022 година бројот на работни места - Работник
552views

Бобан Илијевски 

Проценката на Меѓународната организација на трудот за состојбата на пазарот на трудот во 2021 година е дека неговото заздравувањето годинава стагнирало и покрај малите исчекори коишто биле направени во четвртиот квартал на 2020 година. Глобалните работни часови, велат од МОТ, се проценува дека ќе бидат под нивото од пред пандемијата, односно од последниот квартал на 2019 година и ќе изнесуваат -4.5 % што е еднакво на 131 милиони работни места на полно работно време, во првиот квартал од годината; -4.8 % или 140 милиони работни места на полно работно време во вториот квартал и -4.7 % или 137 милиони работни места, во третиот квартал од оваа година. Ова се процените на МОТ во Извештајот „Ковид 19 и светот на работата“ од октомври месец оваа година.

“Сепак, оваа збирна слика ja маскира големата разлика меѓу земјите. Работното време во земјите со висок и со среден приход имаше тенденција да закрепнува во 2021 година, додека земјите со пониски и ниски приходи продолжија да трпат големи загуби“, објаснуваат од МОТ.

Стимулации, вакцинација и закрепнувањето на пазарот на труд

Од МОТ сметаат дека финансискиот стимул е незаменлив, притоа нагласувајќи дека земјите во развој ги немаат истите опции како напредните земји, односно немаат толкав финансиски капацитет.

Според МОТ, фискалните стимуланси, односно помошта која даваат државите на компаниите и работниците е клучна поддршка за поттикнување на закрепнувањето. Тие се осврнуваат и на јазот во финансиската помош во земјите во развој, а особено во земјите со ниски приходи, потенцирајќи дека истиот не се решава. Процените велат дека, во просек, доколку се зголемиле фискалните стимуланси за само 1 % од Бруто домашниот производ, на годишно ниво, работните часови ќе се зголемиле за 0.3 процентни поени годишно до првиот квартал од 2021, со што би се постигнало приближно ниво на тоа од 2019 година.

Големите стапки на вакцинација се исто така поврзани со посилното и побрзото закрепнување на пазарот на труд. Процените на МОТ покажуваат дека на секои 14 целосно вакцинирани луѓе во 2021 година, закрепнувало по едно работно место на глобалниот пазар на труд. Ова имплицира на тоа дека ниската стапка на вакцинација во земјите во развој го забавува закрепнувањето на пазарот на труд, со што се зголемува разликата меѓу земјите, токму во однос на заздравувањето на истиот.

Прогнози за остатокот од 2021 година

Уште 27 дена остануваат до крајот на 2021 година и иако Извештајот е издаден во октомври оваа година, сепак процените на МОТ се навистина точни.

Од автономната агенција на Обединетите Нации во октомври процениле дека закрепнувањето на пазарот на труд до крајот на 2021 година ќе стагнира, што е точно, со оглед на тоа дека се‘ уште се затвораат компании и се отпуштаат вработени.

Поради тоа што запрело закрепнувањето на пазарот на трудот во претходниот период од 2020 година, МОТ ги поправил своите проекции за работните часови односно од -3.5 % или минус 100 милиони работни места на полно работно време колку што предвидел во Извештајот од јуни оваа година, во однос на последниот квартал од 2019, на -4.3 % или -125 милиони работни места.

Вакцинацијата, како што велат од МОТ, ќе продолжи да биде клучен фактор за подобрувањето на состојбата на пазарот на трудот во 2021 година.

„Во сценариото за „фер вакцинација“ за четвртиот квартал од 2021 година, кое претпоставува правична дистрибуција на вакцините на глобално ниво, земјите со ниски приходи и со понизок  -среден приход би можеле да ги намалат нивните загуби на работното време во четвртиот квартал значително: одработените часови ќе се зголемат за 2,0 и 1,2 процентни поени во земјите со низок и со среден приход, соодветно“, велат од МОТ.

Тука ќе се навратиме на извештајот од јуни месец 2021 година на МОТ, насловен како „Светската вработеност и социјалната перспектива“, во кој се предвидува што ќе се случи во 2022 година на полето на пазарот на труд.

Од МОТ проценуваат дека проектираниот раст на вработеноста нема да биде доволен за да се затвори јазот предизвикан од кризата. Очекуваат до крајот на оваа година да бидат креирани 100 милиони работни места, додека за 2022 година сметаат дека ќе се креираат дополнителни 80 милиони работни места. Сепак, стапката на вработеност оваа година, според нив, ќе биде помала од таа во 2019 година. Дополнително, можно е да има помалку работни места, отколку што би имало да не беше пандемијата.

Имајќи го во предвид изгубениот раст на вработеноста, глобалниот недостиг на работни места предизвикан од кризата се предвидува да изнесува 75 милиони во 2021 година и 23 милиони во 2022 година.

Македонија, како земја во развој, има ниска стапка на вакцинација, па поради тоа закрепнувањето на пазарот на труд оди потешко. Економските експерти очекуваат економијата во државата да закрепне следната година, но за тоа велат дека ќе биде потребно да се зголеми стапката на вакцинација и да се вложува во креирањето на нови работни места.

 

Фото: Picjumbo