Новата понуда на Владата за усогласување на платите, не е прифатлива за синдикатите
Владата предлага периодот на усогласување да се намали од пет на една и пол година.
Новиот предлог на Владата е платите, вакви какви што се, да се усогласат во септември за околу 3,3 %; во март 2024 за 6 % и од март 2025 платите да се усогласуваат со динамика, рече Претседателот на СОНК Јаким Неделков во изјава за Работник по завршувањето на Економско – социјалниот совет.
„Тоа е релативно добро во однос на скратување на рокот за усогласување, но лошо е што 3 % е многу малку, па затоа синдикатите не даваат согласност“, рече Неделков.
Неделков посочи дека без разлика на тоа што на некој во март платата линеарно му се зголемила за 2,175 денари, а на некој не му се зголемила воопшто, бидејќи немало никакво усогласување врз основа на порастот на минималната плата, тоа е лоша методологија.
Неделков рече дека за СОНК ваквиот предлог е неприфатлив и дека остануваат на барањето растот од минималната плата од 12,55 % да се преслика во платите, што е практично усогласувањето, како и зголемување во однос на она што минатиот период по основ на колективниот договор го изгубиле поради нееднаквиот пораст на платите согласно порастот на минималната плата.
Важно е да се напомене дека предлогот на Владата е во насока вработените кои не добиле линерано зголемување и тие кои добиле, во септември да имаат по 3,3 % зголемување.