НОВОГОДИШНО ИНТЕРВЈУ СО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОНК, ЈАКИМ НЕДЕЛКОВ: Силно, мудро и посветено кон подигнување на правата на членовите на СОНК
Новогодишно интервју со Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, во кое разговараме за предизвиците со кои синдикатот се соочи во 2024, резултатите кои ги постигнаа, како и за очекувањата во 2025 година.
Како ја оценувате 2024 година од синдикален аспект, особено во делот на образованието?
Oд синдикален аспект, 2024 година би ја поделил во два дела, односно пред и по парламентарните избори.
Првата половина од годината бевме силно посветени на усогласување на текстовите од Колективните договори за основно и средно образование со надлежните од Министерството за образование и наука. Тоа ни беше приоритет на работењето во оваа дејност, од причина што потпишувањето на договорите произлегува од обврската на СОНК и МОН, од Спогодбата потпишана во 2022 година, но и од потребата од нови колективни договори, со оглед на фактот дека постоечките се стари повеќе од една деценија. И покрај усогласувањето на текстовите од двете страни, сепак, од формална причина не успеавме да ставиме потписи на договорите со тогашниот министер за образование и наука. Важноста на репрезентативноста на СОНК беше истечена, а обновувањето на истата беше невозможно, заради опструкцијата што ја правеше дел од комисијата за репрезентативност, за што и јавноста многупати беше запознаена.
Втората половина од годината помина во знак на парламентарните избори, формирање на нова Влада, нов министер за образование, но и нова стратегија и политика во образованието. Остваривме неколку конструктивни состаноци со новиот министер за образование и наука, г-ѓа Весна Јаневска и нејзините блиски соработници, каде што констатиравме дека е невозможно да се исплатат нови парични побарувања во оваа фискална година, од причина што и министерството и Владата наследиле празен буџет, односно држава пред банкрот. Барањето на СОНК за усогласување на платите во основното и средното образование го подигнавме на највисоко ниво, односно на ниво на Влада. Во анализите и преговорите, освен министерот за образование и наука, беа вклучени и претседателот на Владата, министерот за финансии и останати функционери, како и претседателот на КСС, во поддршка на СОНК. Следеа тешки и исцрпни преговори, каде што се изнајде компромисно решение, што резултираше со потпишување на Спогодба од двете инволвирани страни, односно од СОНК и МОН. Спогодбата предвидува континуирано зголемување на платите во основното и средното образование во наредните четири години, што беше гаранција за сите нас дека во наредниот период ќе ги избегнеме тешките преговори околу зголемување на платите. По периодот на спроведување на Спогодбата, платите на просветните работници ќе бидат над просечната плата во државата, што и првично беше наша цел.

Останува периодот до крајот на оваа и почетокот на идната година, за да ги заокружиме текстовите од колективните договори и така како што е договорено, да ги потпишеме до крајот на февруари 2025 година.
Работевме и на законите за основно и средно образование, како и на Законот за наставници и стручни соработници. Во текот на годината се одржаа и доста семинари и работилници со членовите на СОНК, со цел зајакнување на капацитетите на нашата организација.
Севкупно, иако беше изборна година, сепак за нашиот синдикат немаше застанување, односно имавме доста активности и преговори со социјалните партнери. Крајна оценка е дека имавме тешка синдикална година, но сепак бериќетна.
Колку сте задоволни од постигнатите резултати во годината што изминува?
Задоволството е релативна работа. Зависи од индивидуата и неговите потреби и сфаќања за тоа колку му е потребно за да биде задоволен. Кога ме прашувате мене лично, можам да ви одговорам дека сум половично задоволен. Тоа значи дека од првата половина на годината воопшто не сум задоволен, додека пак од втората половина на годината сум задоволен. Незадоволството се темели на непотпишување на колективните договори, како и неусогласување на платите за 2024 година, а задоволството произлегува од потпишаната Спогодба каде што издејствувавме максимум од МОН и државата воопшто, во однос на финансиската состојба. Дополнително, задоволство ми претставува што во последниве месеци од годинава, СОНК си ја обнови репрезентативноста и повторно докажа дека е најголемиот синдикат во државата. Би сакал да напоменам дека на некои политички и синдикални структури им пречи репрезентативноста на СОНК и тие се обидуваат на подмолен начин да ја променат таа реална слика.

Убеден сум дека најголемиот дел од членството на СОНК ги дели моите констатации и чувството на успех, односно задоволство за сработеното на СОНК во оваа година.
Ја споменавте репрезентативноста. Останувате единствен репрезентативен синдикат во детските градинки и образованието?
Да, остануваме единствени репрезенти на интересите на нашите членови, вработени во детските градинки и образованието. Иако, во периодов имаше обиди за преземање на членови на СОНК во овие дејности, сепак нашите членови се единствени и не дозволуваат некој насилно да ги стави на список на друг синдикат. Во дејноста образование постои уште еден синдикат, кој долги години се обидува да обезбеди бројка за репрезентативност, но безуспешно. Во културата постои уште еден репрезентативен синдикат, кој впрочем, како и ние, треба да ја докаже репрезентативноста со бројки.
Кои се вашите планови за работа на синдикалното поле во новата 2025 година?
Прво и најважно е да сме живи и здрави. Понатаму, како што е планирано, до крајот на февруари да ги потпишеме колективните договори со МОН за основно и средно образование. Колективни договори кои во себе ќе содржат одредби, со кои членовите на СОНК ќе имаат поголеми придобивки и права во однос на друг колективен договор или закон. Понатаму, очекуваме зголемување на платите за 7% од месец март 2025 година, во согласност со Спогодбата потпишана со МОН.
Во останатиот период во годината ќе се посветиме и на решавање на соодветни проблеми и во останатите дејности што ги застапува СОНК. Не чека Законот за заштита на децата и Законот за култура, како и обновување на колективните договори за овие дејности. Дополнително, ќе работиме на колективниот договор за високото образование и наука, како и изработка на прв колективен договор за ученички и студентски домови. Ќе се обидеме максимално да се заложиме и за овие дејности и со сите расположливи сили и капацитети да издејствуваме документи кои значително ќе ги подобрат правата на работниците во овие дејности.
Голем дел од време и енергија ќе посветиме на внатрешното организирање и дејствување преку голем број на семинари и работилници. Во 2025 година, планирани се обуки на синдикалните членови и лидери во синдикалните организации и регионалните одбори. Дел од обуките ќе бидат од реномирани домашни и меѓународни синдикални експерти, финансиски поддржани од нашиот долгогодишен пријател Solidarity Center од САД, а дел од обуките ќе ги спроведе СОНК со сопствени средства и сопствен едукативен кадар.
Сигурно е дека ќе продолжиме со работа и на меѓународен план, каде што сме рамноправна членка на европската (ЕTUCE) и светската (EI) конфедерација на синдикати за образование, како и регионалниот Совет на синдикатите за образование од поранешна Југославија.
Мое лично видување e дека во идната година ќе имаме многу активности, кои на крајот ќе резултираат со соодветни резултати, од кои ќе бидат задоволни членовите на СОНК заради подобрување на нивниот социјално – економски статус, статусот на својата професија, професија којашто ќе си го најде заслуженото место во општеството.
Нека ни е среќна и бериќетна новата 2025 година, со искрени желби за добро здравје, многу љубов и почит помеѓу луѓето, раздвижување на економијата и подобри плати за работниците, особено за вработените што ги застапува СОНК.
- ЗАВРШИ НОВОГОДИШНАТА КОШНИЦА: Од денеска ќе се знае дали ќе се вратат на старо цените што еден месец беа намалени - 12/02/2025
- Грчките институции ги заштитуваат работниците на Санторини, ќе добијат отштета од 534 евра - 12/02/2025
- НАЈБОГАТАТА ЖЕНА ВО ЕВРОПА ЈА НАПУШТА СВОЈАТА КОМПАНИЈА – ИМПЕРИЈАТА ЈА СОЗДАДЕ ДЕДО Ѝ: Нејзиното богатство се проценува на 89 милијарди долари - 12/02/2025