Новогодишно мега интервју со Претседателот на СОНК Јаким Неделков: СОНК гласно бара зголемување на платите и К-15 за просветните работници
Разговараше: Бобан Илијевски
Новогодишно интервју со Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК Јаким Неделков, во кое тој дава одговор на неколку прашања, за кои премногу малку се зборува во јавноста.
Унапредување на професијата наставник, незадоволството од професијата, решените проблеми на наставниците и вработените во образованието се дел од темите на кои тој зборува во ова интервју.
Во прилог прочитајте го целосното интервју:
Работник: Што е потребно да се направи за да се унапреди професијата наставник?
Неделков: Пред се, сметам дека треба да се донесе Национална образовна стратегија прифатена од сите чинители во образовниот процес. Би била изработена од компетентни личности, вклучувајќи ги тука без исклучок наставниците како реализатори на образовниот процес. Таа стратегија треба да се подели во неколку етапи на реализирање (краткорочно, среднорочно и долгорочно планирање и реализирање). Стратегијата треба да е донесена со консензус на сите политички субјекти при што и во ситуација на менување на централната власт процесот не би претрпел посериозни промени.
Континуираната едукација на наставниот и стручниот кадар е исто така еден од факторите за унапредување на професијата наставник. Следејќи ги современите образовни системи и прилагодување на наши услови, потребна е вистинска а не формална едукација на наставниците и стручни соработници.
И конечно, реформирање на педагошките факултети, пред се мислам на наставните програми и уписната политика. Кога велам наставните програми сметам дека треба да се зголемат бројот на часови за практична настава (хоспитализација) директно во училиштата, будно следени од компетентни стручни лица.
Што се однесува до уписната политика на студенти, идни наставници, потребно е и тука да се направат одредени промени со цел да се запишуваат студенти со што повисок успех.
Работник: Од што најмногу произлегува незадоволството кај наставниците во однос на самата професија?
Неделков: Незадоволството кај наставниците во однос на професијата произлегува пред се од статусот што го имаат во општеството. Тоа е тесно поврзано со социјалниот статус што го имаат, т.е., нивните плати се за околу 20% под просечната плата во Македонија. Според овој факт може и да заклучиме дека државата со ваквиот однос смета дека вработените во дејноста образование вредат под националниот просек на плати, или ако сакаме да ја вулгализираме оваа теза, наставниците се под просечни работници. Замислете, нај образованите работници, во една од најважните, ако не и нај важна дејност се „под просечни” работници.
Исто така, не смееме да го занемариме и фактот што одредени буџетски привилегии за одредени дејности важат а за образованието не важат. Пред се мислам на регресот за годишен одмор, организираниот превоз на вработените, јубилејните награди и други додатоци на плата.
И конечно, она што во моментов е и можеби најголем економски проблем на вработените во образованието, а тоа е предизвикано од непочитување на актуелните закони и колективни договори од страна на централната власт. Како што е веќе општо познато во јавноста, надлежните не го почитуваат Законот за минимална плата, или поточно, платите во образованието не се исплаќаат според колективните договори и врз основа на утврдените коефициенти на сложеност на работното место. Се дојде до ситуација вработени со различни коефициенти на сложеност да земаат иста (минимална) плата, што е спротивно на Закон и Колективен договор. Ова е можеби и најголемото незадоволство на вработените во образованието во моментов.
Работник: СОНК е еден од најстарите синдикати во образованието, враќајќи се наназад од основањето на СОНК, па до ден денес, кои се најгорчливите проблеми на вработените во образованието, кои СОНК ги има решено?
Неделков: СОНК е најстариот, најголемиот, нај моќниот и единствениот репрезентативен Синдикат за образование во државата. Во него членуваат повеќе од 80% од вработените во оваа дејност и придонесуваат за раст и развој на оваа организација. Се разбира, дека како Синдикат секогаш сме стоеле зад интересите на сопствените членови и во изминатиот период со голем успех работевме за обезбедување на сигурно работно место на работниците. По наша иницијатива, уште во далечната 2008 година се потпиша Спогодба со МОН во однос на трансформации на работни договори од определено на неопределено работно време. Учествуваме како рамноправен партнер со МОН и локалните самоуправи во комисиите за трансформација и до денес имаме над 13 000 трансформации. Исто така, бевме иницијатори за измени на Законот за работни односи во делот на трансформацијата и наместо после 5 години се овозможи ова право да се искористи после 2 години работа кај ист работодавец.
Секако, не треба да го занемариме и фактот дека СОНК нуди и бесплатна правна помош за своите членови, каде досега имаме водено и добиено стотици постапки во интерес на членството.
Членовите на СОНК преку репрезентативноста имаат можност да учествуваат во креирање на образовните политики на државата, склучување на колективни договори во дејноста, креирање на социјални политики и т.н. Колку во тоа ќе бидеме успешни зависи од сите нас, во зависност од тоа колку ќе бидеме единствени и сплотени во барањето и остварување на своите права, колку ќе бидеме отпорни кон влијанието на политичките притисоци кои се посилно и пожестоко делуваат во разбивање на единството и силата на синдикатите воопшто. И СОНК не е исклучок од таквите притисоци, но со дел од реформските мерки кои беа усвоени на 7 Конгрес, се обидуваме успешно да се одбраниме од партиските влијанија во раководството и членството на нашиот Синдикат.
СОНК во наредниот период силно и гласно ќе побара зголемување на платите во дејноста образование врз основа на новите колективни договори. Во нив ќе бидат содржани и други придобивки како што се К-15, превоз на вработените, додаток за прекувремена работа, комбинирана настава, работа со ученици со посебни образовни потреби и т.н.
Работник: Бројот на деца во Македонија се намалува, а со тоа се намалува и бројот на паралелки во училиштата. Дали наставниците стравуваат поради ова? Што би можел да направи синдикатот во насока на тоа да спречи да се случи намалување на бројот на наставници токму поради оваа причина?
Неделков: Факт е дека поради повеќе причини секоја година имаме континуирано намалување на број на новозапишани ученици. Се разбира дека тоа влијае и на сигурноста на работните места на одредени работници во образованието. Исто така треба да се знае дека имаме и голем број на „нерентабилни училишта”, со многу мал број на ученици. Блок дотациите кои се обезбедуваат од државниот буџет за ваквите училишта не ги задоволува основните потреби за функционирање на установата, па оттука е и нашето стравување за затворање на таквите училишта и создавање на вишок вработени, односно технолошки вишок.
Заради овој факт, потребно е да се направи јасна концепција за надминување на проблемот кој што има индиции и во наредниот период да продолжи се по интензивно и со потешки последици. На локално (општинско) ниво мора да се направи истражување ( скрининг) за фактичката состојба и предвидување за наредниот период во однос на број на ученици, паралелки, вработени. Врз основа на тоа, да се планираат и новите вработувања, за што лично сметам дека треба да забават, се додека не се задоволат потребите на распоредување на работните задачи на веќе вработени со неполно работно време во сопствената или соседните општини.
Работник: Дали има вработени во образованието кои даваат отказ од работа и се преориентираат кон друго работно место или заминуваат од државата?
Неделков: За жал, сведоци сме на се позачестени вакви случаи на давање на откази на наставници и заминување во некоја друга дејност или од државата. Има повеќе причини за тоа, пред се се‘ однесува односот на општеството кон дејноста, релативно ниските плати на вработените во образованието, општествениот статус на вработените, се пожестоките притисоци врз наставниците од политичките и бизнис елити, амбициозни родители, борба за оцени а не знаења……
Доколку на оваа појава не и и‘ се даде многу посериозен пристап и сериозност, набрзо ќе се случи да во училиштата нема да има ниту наставници, ниту ученици…. ќе останат само училишните згради кои ќе бидат сведоци на едно време и еден систем кои ништо не направија за сопствениот народ да остане да се образува, живее и работи во сопствената татковина.

