Ноќна работа-гарантирани права и заштита согласно Законот за работни однос

Автор: Адвокат Персида Отовиќ-Стојановска

Работникот кој работи ноќе барем три часа од својата редовна дневна работна обврска, односно работникот кој одработува ноќе третина од полното работно време од својата годишна работна обврска, има право на посебна заштита за ноќна работа.

Притоа ноќна работа е работа во ноќно време и тоа во периодот меѓу 22,00 часот и 6,00 часот наредниот ден.

Посебната заштита на работниците кои работат ноќна работа се состои во должноста на работодавецот да им обезбеди:

  • подолг одмор;
  • соодветна храна или надоместок на трошоци за исхрана во висина од 20% од просечната нето плата по работник исплатена во Република Северна Македонија во претходната година, сразмерно за деновите кога работникот работи ноќе;
  • стручно раководство на работниот, односно производниот процес и
  • лекарски прегледи, пред нивно ангажирање во ноќна работа и во редовни временски периоди утврдени со закон.

Во поглед на превозот доколку нема јавен превоз, работодавачот, не смее да го распореди на ноќна работа работникот на кој нема да му обезбеди услови за превоз до и од работа.

Истовремено е гарантирана и заштитата на жената при ноќна работа во градежништвото и индустријата.

Иако законодавецот предвидел посебна заштита за ноќна работа на работниците кое е законска обврска и должност на работодавците во пракса сме сведоци дека голем број од работниците не ја добиваат оваа заштита за ноќна работа.

Од таа причина доколку овие права не се остваруваат од страна на работодавецот, работникот има право и можност да се обрати до овластениот трудов инспектор заради повреда на своите права како и можност да оствари судска заштита на своите права од работен однос.

Имено доколку работникот кој работи ноќе барем три часа од својата редовна дневна работна обврска, односно работникот кој одработува ноќе третина од полното работно време од својата годишна работна обврска и притоа не му е обезбедена храна ниту превоз истиот има право по судски пат да оствари надомест за трошоци за исхрана за деновите кога работи ноќе како и надомест за трошоци за превоз.

Оваа посебна заштита за ноќна работа ја уживаат сите работници без оглед дали се здравствени работници, полицајци , готвачи, градежници итн….