Uncategorised

НСС: Не организираме протест, туку пленум

   Време за читање 1 минута

Интегрално соопштение на Независниот студентски сојуз:

Ние, студентите што стоиме зад иницијативата Независен студентски сојуз (НСС), сакаме јавно да демантираме дезинформациите кои некои медиуми ги шират за настанот закажан во понеделник.

Тоа НЕ е протест. Тоа е пленум.

Пленумот е мирен јавен собир на студенти, отворен за сите, со цел разговор, дијалог и формулирање на заеднички ставови и потенцијални барања. Ништо не е однапред одлучено.

Сè уште немаме ниту ставови, ниту барања. Тие ќе произлезат – ако произлезат – само и исклучиво преку пленумски дијалог и јавно гласање пред очите на сите.

Ги охрабруваме медиумите да се едуцираат за разликата помеѓу протест и пленум и да се воздржат од сензационализам кој може да предизвика несакани реакции и притисоци врз студенти.

Сè што правиме е јавна, транспарентна и легитимна форма на студентска самоорганизација. Ниту сме партиски поврзани, ниту пак постои централен водач – пленумот е хоризонтален и демократски процес.

Во време кога студентите конечно се обидуваат да зборуваат – немојте да ги замолчувате со лажни наративи.

Упатуваме остар демант на дезинформациите што ги шират неколку портали, меѓу кои:

• Република онлајн
• Курир
• Expres.mk
• и други портали со позната политичка наклонетост и тенденциозно известување.

Дополнително, сакаме да нагласиме дека соопштението што кружи во овие медиуми не е автентично и не е испратено од овој мејл.