ЕкономијаСвет

Неколку членки на ЕУ бараат чаре за високите цени на горивата

Ескалацијата на кризата на Блискиот Исток и ограничувањата на испораките на нафта преку стратешкиот Ормуски Теснец предизвикаа сериозен ценовен шок на пазарите, но европските држави веќе подготвуваат одговор против профитерите. Шест земји-членки на ЕУ побараа воведување заеднички европски данок на вонредната добивка за нафтените компании со цел да се заштитат домаќинствата и економијата од растечките трошоци за живот.

Во заедничко писмо упатено до ирското претседателство со Советот на ЕУ, министерствата за финансии на Германија, Шпанија, Португалија, Италија, Полска и Австрија побараа оваа точка итно да се стави на дневен ред на следниот состанок на ЕКОФИН.

„Доживуваме еден од најголемите шокови во снабдувањето во последните децении, а низ целиот свет расте незадоволството поради зголемувањето на трошоците за живот“, се предупредува во заедничкото писмо на шесте земји.

Ирското претседателство веќе потврди дека барањето ќе биде разгледано, нагласувајќи дека владите со право внимаваат на развојот на енергетските пазари. Портпаролот на Европската комисија, Мачеј Берестецки, појасни дека земјите-членки веќе имаат целосна слобода и фискални овластувања да воведат вакви даноци на национално ниво за обезбедување социјална правда, но Комисијата ќе помогне во координацијата и споделувањето на добрите практики.

Зошто нафтените компании остваруваат енормни профити?

Според податоците од министрите, цената на суровата нафта се зголеми за околу 25 проценти од почетокот на конфликтот меѓу САД и Израел со Иран. Сепак, цените на крајните деривати во Европа скокнаа драстично повеќе — дизелот поскапе за над 70 проценти, а бензинот за околу 20 проценти.

Додека трошоците за производство на компаниите остануваат речиси исти, маржите на рафинериите и профитабилноста растат со многу побрзо темпо од самата цена на суровата нафта.

Поучени од искуството од 2022 година кога ЕУ воведе привремен придонес за солидарност со минимална даночна стапка од 33 проценти за екстра профитите, шесте земји овојпат бараат уште построга европска рамка која ќе ги опфати и странските профити остварени од мултинационалните нафтени корпорации. Португалија веќе ја започна оваа пракса, одобрувајќи предлог за данок од 33 проценти на неочекуваната добивка на нафтените и рафинериските компании.