Uncategorised

Од пекара со три вработени до европски бренд: Како една жена ја спаси својата заедница

   Време за читање 3 минути

Пред 20 години, во еден од најсиромашните краеви на Романија – Тулча, една млада жена се вратила дома и започнала бизнис за кој многумина мислеле дека ќе пропадне. Но, пекарата со само три вработени, меѓу кои и самата сопственичка, денес е мала индустрија која обезбедила работа и подобар живот за стотици луѓе.

Лидер со визија

„Ако немаш визија, не можеш да бидеш лидер. Мораш да бидеш добар визионер, да го почувствуваш пулсот на општеството, да можеш да водиш состаноци со сите сектори преку соодветните министерства. Да знаеш што се случува во земјата. Тоа е лидер – да имаш стратегија и визија и да ги спроведеш преку тимовите кои ги имаш“, изјавува Паула Валс, денес успешна претприемачка.

Паула истакнува дека клучот за успехот е упорноста: „Колку и да имаш препреки, дури и да стигнеш до самата пропаст, се креваш и продолжуваш понатаму… Така беше и со оваа приказна.“

Враќање со мисија

Ова е приказна за една 22-годишна девојка која се вратила во своето родно село Греци, во округот Тулча, за да го следи својот сон – да создаде бренд од традиционалните добруџански пити. Тогаш многумина заминувале од земјата, но таа избрала да остане и да вложи дома.

„Работна сила имаше, бидејќи сè уште не беа заминати сите. Иако немаа стручна спрема за тоа, работевме обуки со нив, курсеви, ги усовршувавме – и тоа ни помогна“, вели Паула.

Од три до 250 вработени

Компанијата што започнала со тројца вработени денес брои 250 луѓе. За многумина од нив, оваа работа значи многу повеќе од плата.

„Не знам што би правел доколку ја немаше оваа фабрика. Работев и во други бранши пред да станам пекар“, раскажува еден од вработените.

Паула ја гледа фабриката како општествен проект, а не само како бизнис. „Вработените се важни, но пред сè – тие се луѓе“, вели таа.

Некои од вработените добиле дополнителна обука, некои медицинска помош, а на некои таа им била и емоционална поддршка. „Ја гледам својата иднина тука. Се навикнав, ми се допаѓа и сакам да останам“, додава еден од вработените.

Европски успех

Производите на пекарницата на Паула денес се извезуваат во Шпанија и Италија, каде се особено популарни меѓу романската дијаспора. Благодарение на нив, традиционалната добруџанска пита доби европски сертификат.

Ова не е само бизнис-приказна. Ова е пример за тоа како лидер со визија, храброст и човечност може да ја промени судбината не само на својот бизнис, туку и на цела една заедница.

Извор: ObservatorNews/Biznis Telegraf