МакедонијаПравдаСветот на работникот

Османи и Поповски: Новинарите и медиумските работници се на првата линија на фронтот и заслужуваат поддршка

155views

Заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски денеска одржаа прес-конференција преку видео врска, на која ја презентираа новата уредба на Владата за субвенционирање на придонесите од социјалното осигурување за вработените во медиумите.

„Во борбата со лажните вести најпрво е потребно да им се даде поддршка на оние кои ги пренесуваат точните вести. Токму во оваа насока е и иницијативата која заедно со министерот за транспарентност Поповски, со поддршка на целата Влада, ја преземавме за да обезбедиме поддршка за медиумите, поконкретно – поддршка за новинарите и медиумските работници, кои рамо до рамо со здравствените работници и припадниците на безбедносните служби беа, и сè уште се на првата линија на одбраната од пандемијата“, истакна Османи.

Во своето обраќање тој информираше дека мерката за субвенционирање на придонесите за медиумските работници е донесена во консултации со Самостојниот синдикат на новинари.

„Донесовме одлука државата да обезбеди средства за 100% покривање на придонесите на плата на сите вработени во медиумите и медиумските куќи, вклучувајќи ги тука телевизиските и радио дифузерите, печатените медиуми како и електронските интернет портали во наредните три месеци, т.е. за истиот период за кој земјата е во вонредната состојба поради пандемијата “, истакна Османи.

Османи посочи на европските трендови за севкупна поддршка на медиумите токму во справувањето со лажните вести.

„Оваа борба со лажните вести не смее тука да застане. Вчера и Европската Унија излезе со сет мерки, политики и насоки за тоа како Унијата ќе се брани од напливот на лажни вести и организирана пропаганда, кои и ние, како земја која набргу очекува почеток на преговорите, ќе треба да ги преточиме во национални политики за што наскоро ќе излеземе со сет мерки соодветни на европскиот одговор на дезинформациите“, најави Османи.

Министерот Поповски, во негово име, и во име на Владата, изрази благодарност за сите медиуми и медиумски работници кои покажаа висока професионална одговорност и дигнитет, и одлучно и одважно, заедно со сите граѓани, застанаа во одбрана и справување со коронавирусот како зло и закана за современото човештво.

„Оваа Влада во изминатите три години ја даде максималната поддршка за работата на медиумите без да прави селекција или да привилегира. Во таа насока е и Уредбата за субвенционирање на придонесите од социјалното осигурување за вработените во медиумите. Огромно е задоволството што критериумите во уредбата беа изготвени во целосна соработка со синдикатот на новинарите и здружението. Уредбата ги опфаќа сите електронски и печатени медиуми од регистарот на АВМУ, печатените медиуми од општ информативен карактер од регистарот на АВМУ, како и порталите што имаа веродостоен импресум, уредник, редакција, контакт податоци и адреса, да имаат регистрирано правно лице, транспарентно да ја декларираат сопственичката структура, како и да имаат најмалку тројца вработени. Тоа кажува дека се грижиме за сите медиумски работници“, истакна Поповски.

Со оваа уредба, рече министерот Поповски, продолжува целосната поддршка на Владата за медиумите со непарична помош и поддршка, така како што е тоа договорено со сите чинители во медиумската сфера.

Поповски потсети дека за време на вонредната состојба Владата донесе уште неколку одлуки и уредби за поддршка на медиумите, како што ослободувањето од надоместокот на трошоците за 2020 година кон операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс, уредбата за ослободување од обврската за годишниот надоместок за радијата за одобрението за користење на радиофреквенции, како и опфатеноста на медиумските компании за користење на мерката од првиот пакет за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април, мај, а сега и за јуни, во висина од 14.500 денари.

„Владата на Северна Македонија не донесе уредби за информирање во време на пандемија, и ова многу говори каков е нашиот пристап кон медиумите и кон граѓаните. Едноставно само повикавме на неопходност од висока професионалност и одговорност за пласирање на точни информации зад кои стојат кредибилни извори заради преголемата чувствителност на оваа тема за корона кризата. Бевме максимално транспарентни и редовни во информирањето затоа што имавме заедничка задача вистинските информации да допрат до секој граѓанин зашто лажните вести се директна закана за здравјето и животот на граѓаните“, потенцираше Поповски.

Министерот Поповски најави дека веднаш после изборите ќе биде иницирана широка иницијатива за да се изнајде ефикасен одговор за оваа појава, бидејќи за жал, нагласи тој, во одредени ситуации, лажните вести беа побрзи од вирусот.

Извор: Влада