Нулта толеранција во воздухот: Како авио-индустријата одговара на неприфатливото однесување на патниците
Неприфатливото однесување на патниците во авио-сообраќајот повеќе не е спорадичен инцидент, туку претставува растечки глобален проблем кој ја загрозува безбедноста на летовите, работата на кабинскиот персонал и искуството на другите патници. Овој податок го потврдува и американската Федерална управа за воздухопловство, наведувајќи дека во текот на последните неколку години забележани се над илјада пријави на лошо однесување на патниците, вклучувајќи вербални конфликти, одбивање на почитување на инструкциите на екипажот и физички напади. Сличен тренд се забележува и во Европа, каде Европската агенција за безбедност на воздушниот сообраќај наведува дека инциденти со неприфатливо однесување на патници се регистрираат на секои неколку часа, што довело до покренување на кампањата #noonmyflight со цел подигање на свеста и промовирање на принципите на нулта толеранција на непримерно однесување. Уште во 2019 година, Ер Србија се приклучила на оваа иницијатива, потврдувајќи го значењето на системскиот и координиран пристап во решавањето на овој проблем.
Неприфатливото однесување на патниците опфаќа широк спектар на ситуации – од игнорирање на упатствата на екипажот и вербални конфликти, до сериозни инциденти кои можат да ја загрозат безбедноста на летот. Ваквото однесување се класифицира на четири нивоа, при што најтешките вклучуваат обиди за влез во кокпит и физичко насилство над членовите на екипажот. Медиумите дополнително ја илустрираат сериозноста на проблемот. Според пишувањата на Sky News од 2023, бројни случаи на неприфатливо однесување на патниците во Соединетите Американски Држави биле проследени до FBI – поради инциденти како напади, попречување на екипажот и загрозување на безбедноста на летот.
Строги мерки со цел безбедност
Авио индустријата на овој проблем одговора со се’ построги мерки за да ги заштити екипажот и патниците, но и да ја зачува безбедноста на летовите. Како пример од Европа, KLM и Transavia во 2022 година вовеле заедничка забрана за летање на патниците кои непримерно се однесуваат, во траење од пет години.
За вакво однесување има многу причини и тие вклучуваат комбинација од психолошки и надворешни фактори. Експертите наведуваат дека клучните причини се повишен стрес во текот на патувањето, доцнење и гужви на аеродромите, но и консумација на алкохол. Од наведеното, конфликти меѓу патниците се’ почесто настануваат, па одредени авио-компании воведуваат правила како задолжителна употреба на слушалки, за да ги намалат потенцијалните инциденти и да ја осигураат безбедноста на патниците и екипажот.
Покрај забраната за летање, патниците се соочуваат и со сериозни финансиски последици. Според порталот Simple Flying, во случаи на сериозни инциденти, авио-компаниите имаат право да ги наплатат трошоците од принудното слетување и други оперативни пореметувања, кои можат да изнесуваат десетици илјади евра. Дека проблемот се влошува, потврдува и анализата на Forbs од 2023 година, каде се истакнува дека феноменот „air rage“ се влошува и дека авио-компаниите, без разлика на заострените правила, и понтаму немаат потполно ефикасни механизми за негово сузбивање.
И покрај се’ построгите казни, забраните за летање и финансиските пенали, јасно е дека мерките сами по себе не можат да го решат проблемот со неприфатливото однесување на патниците. Потребна е комбинација од едукација, превенција и промовирање на нулта толеранција на ваквото однесување. Глобалните податоци на Меѓународното здружение за воздушен сообраќај укажуваат на континуиран раст на честоста на инцидентите, потврдувајќи дека станува збор за траен предизвик во авио-индустријата. Само системскиот пристап, во кој одговорното однесување на патниците се поставува како стандард, може да обезбеди сигурност на летовите и заштита, како на кабинскиот персонал, така и на сите патници во авионот. Неприфатливото однесување повеќе не е исклучок, туку реалност со која оваа индустрија мора да се соочи.
Извор: BIZLife

