ПравдаСветот на работникот

Остварување на правата на пауза, дневен, неделен и годишен одмор на работниците

Кај голем број од работниците се‘ уште постојат голем број на дилеми за тоа колку време за пауза им следува додека се на работното место, за тоа колку дневен, неделен и годишен одмор им следува. 

Платформата мојтруд, мои права дава дефиниција за тоа што е одмор и одговора на горенаведните  прашања.

Одморите претставуваат прекин на физичките и интелектуалните (работните) активности на работниците, и тие се насочени кон обновување на работните способности на работникот. Одморите го опфаќаат секој период што не е работно време. Работникот има неотуѓиво право на: пауза, дневен, неделен и годишен одмор.

Во однос на тоа колку пауза му следува на работникот на неговото работното место, паузата за работниците што работат шест часа и подолго од шест часа е во траење од 30 минути. Законот за работните односи го предвидува и распоредувањето на паузата што може да се одреди по два часа работа и најдоцна три часа пред крајот на работното време. Времето на паузата во текот на работниот ден се засметува во работното време и за тоа се исплаќа плата. Тоа значи дека паузата е составен дел од работното време и придонесува за намалување на ефективните работни часови. Работниците што работат со пократко работно време, но најмалку четири часа дневно, имаат право на пауза во траење од 15 минути.

Дневниот одмор изнесува најмалку 12 часа непрекинато помеѓу два последователни работни дена во текот на 24 часа. Минималниот дневен одмор од 12 часа ја поставува и границата за максималното можно траење на работниот ден (најмногу 12 часа).

Неделниот одмор на работникот е во траење од најмалку 24 часа непрекинато, на што се надоврзува и дневниот одмор во траење од 12 часа. Тоа значи дека работникот има право на целосен неделен одмор, на што се додава и дневниот одмор што произлегува од претходниот работен ден (на пример, 12 часа одмор во сабота + 24 часа одмор во недела).

Законот за работните односи ја утврдува неделата како ден за неделен одмор, но притоа допушта утврдување на неделниот одмор и во друг ден од неделата. Работата и работно-производствениот циклус честопати имаат потреба од ангажирање на работниците и во недела, односно во други денови предвидени за неделен одмор. Во таков случај, работниците имаат право на додаток на плата за работа во ден на неделен одмор, кој поблиску се уредува со колективен договор.