МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Осуди на ССНМ, ЗНМ и АВМУ за нападите на новинарите Мирослава Бурнс и Љупче Златев

Осудата за нападите на новинарите - Работник
169views

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро го осудува физичкиот напад врз новинарот Љупче Златев што се случил вчеравечер во еден скопски локал .

Според Златев, тој бил физички нападнат од лице, подоцна идентификувано од нападнатиот, кое се обидело да го исфрли од локалот при што му биле нанесени повеќе лесни телесни повреди, велат од ССНМ.

Нападот е пријавен во полиција и ССНМ очекува брзо откривање на сторителите и нивно изведување пред лицето на правдата, порачаа од синдикатот.

Според нив, слободата на говор и плурализмот во медиумите се основи на секоја демократија и без основна безбедност на новинарите и медиумските работници, не е можно практикување на оваа професија.

Ги повикуваат институциите, МВР и Основното јавно обвинителство итно да постапуваат во ваквите случаи и тие да не се оставаат нерешени, бидејќи неказнивоста значи и еден вид охрабрување на идните престапници .

Уште еднаш потсетуваат дека е потребна итна измена на Кривичниот закон, при што нападот врз новинари и медиумски работници ќе се третира како напад врз службено лице, односно институциите ќе мора по службена должност да преземаат дејствија за расчистување на ваквите напади.

Осуди за заканите упатени кон Мирослава Бурнс и нападот кон Љупче Златев пристигнаа и од Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ и Агенцијата за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги – АВМУ.

Од ЗНМ посочија дека бараат од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство итно да превземат дејствија за откривање на лицата кои стојат зад профилите кои се заканиле на новинарката Мирослава Бурнс. и да ги изведат пред лицето на правдата. Објавувањето на вакви и слични престапи од јавни собири преку кои може да се загрози јавното здравје е од јавен интерес и новинарите во никој случај не треба да добиваат закани по својот живот поради откривање и обелоденување на ваквите групни собири.

„Овој напад уште повеќе ја истакнува потребата од законски измени во Кривичниот законик, каде во соработка со ССНМ веќе подолго време бараме измени со кои нападите врз новинарите и медиумските работници треба да бидат третирани како напад врз службено лице. Ова значи дека со ваквите измени на законот институциите ќе бидат обврзани по службена должност да преземаат мерки и дејствија за расчистување на нападите врз новинарите“, рекоа од

Од новата влада, како и од новиот парламентарен состав, најавија дека ќе продолжат да бараат итно да се пристапи кон измени и дополни на Кривичниот законик со кој ќе се гарантира поголема заштита на новинарите и медиумските работници. Новинарската професија е клучна за функционирањето на секоја демократска држава и затоа сметаат дека е крајно време законски да се заштитат професионалните новинари како едни од клучните столбови за штитење на јавниот интерес.

Во врска со нападот врз новинарот Љупчо Златев од ЗНМ истакнаа дека Бараат од Министерството за внатрешни работи итно да ги истражи мотивите за нападот како и лицата кои биле вклучени во инцидентот.

„Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство само преку брза постапка ќе покажат дека постои волја за расчистување на случаи во кои има напади врз новинари. Со тоа ќе се придонесе кон обесхрабрување на идни напади, а и ќе се подобри степенот на безбедност на новинарите и медиумските работници“, велат од ЗНМ.

Од АВМУ истакнаа дека во врска со закани упатени преку социјалната мрежа „Фејсбук“ кон новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Брнс, Агенцијата ги осудува и потсетува дека ваквите појави не само што се апсолутно неприфатливи, туку претставуваат и загрозување на слободата на информирање.

Нападите и заканите кон новинарите, вклучително и оние упатени на социјалните мрежи, претставуваат директен напад врз демократијата и слободата на говорот во едно општество.

Новинарите работат во интерес на јавноста и се еден од главните коректори и промотори на демократските процеси. Токму затоа неопходно е да се создадат услови новинарите, ослободени од притисоци, професионално да ја извршуваат својата работа – информирање на јавноста.

Во однос на нападот на новинарот Љупче Златев од АВМУ велат дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро го осудува вчерашниот напад на новинарот и главен уредник на поратлот Економски Лидер, Љупчо Златев.

„Нападите врз новинарите претставуваат загрозување на слободата на медиумите и на слободата на информирање. Секој вид на притисок води кон уназадување на демократските процеси и е спротивно на европските вредности, кон кои се стремиме“, посочија од АВМУ.

Истакнаа дека Агенцијата во повеќе наврати апелирала дека безбедноста на медиумските работници мора да биде загарантирана, затоа што само така ќе можат непречено да ја вршат нивната општествено одговорна професија.

Бобан Илијевски