Неделков: Министерството за труд сака да заштеди на грбот на вработените во градниките
Министерството за труд и социјална политика доставило писма до градинките, во коишто укажува дека приправничкиот стаж, се продолжува односно трае две години, иако според Законот за детска заштита и Колективниот договор е уредено, приправничкиот стаж да трае една година. Ова за порталот Работник го вели првиот човек на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК Јаким Неделков.
„Тоа значи дека нововработените без разлика на кое работно место, меѓутоа особено важи за воспитувачите и негувателите дека при прво вработување тие се со статус на приправник и согласно Законот за работни односи, Општиот Колективен договор за јавен сектор, Законот за детска заштита и Колективниот договор за детска заштита е регулирано дека приправничкиот стаж трае една година“, вели Претседателот на СОНК Јаким Неделков.
Тој посочи дека причините за ваквата одлука на Министерството за труд и социјална политика не се познати на синдикатот, посочувајќи дека истата е за нив непрофатлива, бидејќи статусот на приправниците треба да се унапреди за една година, како што наложуваат законските регулативи за детска заштита, а не за две, како што смета Министерството.
„Ова би значело дека наместо после една година да се полага приправнички испит, ќе се полага или после една година, меѓутоа статусот ќе се смени после две години. Што значи дека во таа една до две години разлика, приправникот нема да напредува со звање воспитувач или негувател, па дури и административно да напредува со звање“, рече Неделков.
Тој потенцираше дека во тој период, платата на воспитувачите и негуватели нема да се зголеми, нагласувајќи дека одлуката не е поткрепена со никаков законски акт.
Истакна дека вработените во детските градинки нема да можат да ги добијат парите што ги заслужуваат, при преминување на една категорија во друга.
Негово мислење е дека Министерството сака да заштеди по 3,000 денари на сметка на вработените во градниките и ова го смета за срамен и неправеден потег кон работниците.
Од Министерството за труд и социјална политика за телевизија „Телма“ рекоа дека по завршувањето на приправничкиот стаж од една година и успешно положениот стручен испит, приправникот го задржува работното место и останавува понатаму да ги извршува работните задачи на кои е распореден.
Според Министерството, доколу сака да биде унапреден на повисоко работно место тогаш потребно е тој да биде приправник најмалку две години. Министерството не го продолжува приправничкиот стаж,туку работното место приправник е утврдено во Законот за заштита на децата.
„Според Законот за заштита на деца, согласно член 136 во рамките на работните места од категоријата Б – стручни работници, категоријата В – воспитувачи, категоријата – Г – стручни соработници и категоријата Д – Негуватели, утврдени се работните места приправник. Ова значи дека Министерството не го продолжува приправничкиот стаж, туку работното место приправник е утврдено во самиот закон за заштита на деца.
Бобан Илијевски

