Оваа компанија е основана во 1925 година: За повеќе од еден век не отпуштила ниту еден вработен
Американскиот сон често се поврзува со идејата за започнување мал бизнис кој ќе прерасне во светски успех, но ретко која компанија може да се пофали со историја каква што има произведувачот на сируп „Торани“.
Основана уште во 1925 година, оваа американска компанија ја преживеала Големата депресија, Втората светска војна, бројни економски кризи и пандемијата со коронавирусот.
Сепак, она по што најмногу се издвојува во текот на повеќе од еден век работење е податокот дека, според наводите на компанијата, никогаш не врачила ниту еден отказ на вработените.
Денес нивните познати сирупи се користат во кафиња, коктели и други напитоци ширум светот, а многу потрошувачи уживаат во ароматизираните напитоци и не знаејќи дека всушност Торани е нивната клучна состојка.
Од пет италијански рецепти до 450.000 флаши дневно
Приказната за овој гигант започнала во кварт во Норт Бич во Сан Франциско, место познато по големата италијанска заедница.
Компанијата ја основале италијанските мигранти Риналдо и Езилда Торе, кои во 1925 година, по посетата на роднините во италијанскиот град Лука, во САД донеле пет вкусови на сирупи кои во тоа време не биле вообичаени на американскиот пазар.
На раниот развој на работата влијаела и прохибицијата во САД (1920 – 1933). По нејзиното укинување, Торани се вклучил во производство на дестилирани алкохолни пијалаци, при што Езилда Торе станала првата жена во САД која се бавела со обработка и подготовка за продажба.
Голем пресврт и масовен раст се случиле во 1982 година, кога сирупот од ванила на Торани бил употребен за правење на едно од првите ароматизирани лате напитоци во прочуеното кафуле Trieste во Сан Франциско. Осврнувањето кон пазарот на специјализрано кафе им овозможило силен деловен замав. Од почетни пет рецепти, понудата пораснала на повеќе од 150 различни сирупи, ароми и додатоци за напитоци. Денес Торани работи во модерна фабрика во Сан Леандро во Калифорнија, на површина од околу 30.600 квадратни метри, каде во просек се произведуваат дури 450.000 флаши сируп дневно.
Трагедија која ја дефинирала ДНК-та на компанијата
Сепак, успехот на компанијата е граден и низ тешки периоди. Веќе во 1938 година компанијата ја погодила голема трагедија кога коосновачот Риналдо Торе ненадејно починал од срцев удар. Езилда останала сама со две мали деца, но со поддршка на семејството продолжила да ја води работата.
Овој момент и денес претставува темел на корпоративната култура. Денешната извршна директорка на компанија Мелани Дулбеко за SFGate објаснила дека во тие моменти на Езилда најблиските и порачале: „Ќе ти помогнеме да ги одгледаш децата. Ќе ти помогнеме и во работата доколку е потребно, но ти го можеш ова“. Таа меѓусебна поддршка станала семејна ДНК на фирмата – став дека во тешки времиња сите се држат заедно како семејство, што им помогнало да ја пребродат и Втората светска војна.
Хуман потег во текот на пандемијата: Одбиле даночни олеснувања за да ги задржат работниците
Дека принципот „луѓето на прво место“ не е само декоративна приказна, се покажало во текот на пандемијата со ковид. Затворањето на кафулињата и рестораните нанело тежок удар на продажбата, но додека другите фирми масовно отпуштале, раководството на Торани барало начин како да ги зачува сите работни места.
Во тоа време се спроведувал и повеќегодишен план за преселување во нов производствен погон. Иако имало предлози фабтиката да се пресели во друга американска сојузна држава поради пониските даноци и државни субвенции, компанијата одбила локацијата да ја избере исклучиво на основа на трошоците. Наместо тоа, прво анализирале каде живеат нивните вработени и одредиле подрачје во кое новата фабрика мора да се ноѓа за работниците да не мораат да се преселуваат или да даваат откази.
Дури и две и пол години однапред им соопштиле на работниците дека целта им е задржување на 100 % од вработените, а работниците биле активно вклучени и во планирањето на новиот погон, за работните места да бидат прилагодени на нивните потреби. Како што Дулбеко истакнала за Stanford Graduate School of Business и Fortune, искрената посветеност на луѓето на крајот и’ користи и на самата компанија бидејќи и’ овозможува отпорност во тешки времиња.
Вештачката интелигенција за нив не е причина за откази
Новиот голем предизвик со кој се соочува глобалната економија се автоматизацијата и вештачката интелигенција (ВИ). Додека многу компании отворено зборуваат за намалување на бројот на вработени балгодарение на новите технологии, Торани повторно го избира спротивниот пат.
Мелани Дулбеко, која на фирмата и’ се придружила уште во 1991 година кога Торани имал севкупно осум вработени, свесна е дека ВИ драматично ќе го промени начинот на работа. Меѓутоа, наместо технологијата да ја користи за намалување на трошоците и отказите, компанијата сака на работниците да им овозможи да бидат попродуктивни и да преземат нови видови работни задачи.
Дулбеко смета дека токму децениската сигурноста на работата, на работниците им дава храброст без страв да ги прифатат новите технологии.
„Поголемиот дел од компаниите прво ги гледаат финансиските резултати, а луѓето ги набљудуваат како алатка со помош на која ќе ги остварат. Ние на тоа гледаме обратно – прво ги гледаме луѓето. И тоа за нас функционира многу добро“, заклучила извршната директорка.
По повеќе од сто години работење, Торани останува доказ дека врвните економски резултати и глобалниот успех можат да се остварат без жртвување на сопствените работници.
Извор: Blic.rs

