Светот на работникот

5 знаци дека премногу се обидувате да им угодите на сите на работа

Да бидете љубезни, кооперативни и подготвени да помогнете е одлична особина на работното место. Но, постои момент кога желбата да им угодите на сите почнува да работи против вас.

Постојано велите „да“, иако немате време. Се плашите некого да не разочарате. Преземате дополнителни задачи за да не изгледате „тешки“. А кога ќе направите нешто за себе, веднаш чувствувате грижа на совест.

Проблемот е што не можете да ги задоволите сите, а обидот да го направите тоа може да ве остави без енергија, време и јасни граници.

Еве пет знаци дека можеби премногу се обидувате да им угодите на сите на работа.

1. Велите „да“ и кога всушност сакате да кажете „не“

Колегата ве замолува да преземете уште една задача. Менаџерот ви додава нешто во веќе полниот распоред. Некој бара помош токму кога сте пред крај со вашиот проект.

Првата реакција ви е: „Нема проблем, ќе завршам.“ Дури и кога знаете дека немате време. Понекогаш велиме „да“ не затоа што можеме, туку затоа што не сакаме да изгледаме нељубезно, несоработливо или неспособно.

Но, секое автоматско „да“ на туѓите барања може да стане „не“ за вашето време, енергија и приоритети.

2. Постојано се грижите што мислат другите за вас

Дали после состанок долго размислувате дали некого сте навредиле? Дали се прашувате дали колегите мислат дека сте доволно добри? Дали внимавате на секој збор затоа што не сакате некој да се налути? Ако премногу ја мерите сопствената вредност преку реакциите на другите, лесно можете да станете зависни од нивното одобрување.

На работното место не мора секој да се согласува со вас, да ве сака или секогаш да биде задоволен од вашите одлуки. Професионалноста не значи постојано одобрување од сите.

3. Преземате туѓа работа за да избегнете конфликт

„Ќе го направам јас, побрзо ќе биде.“ Ова можеби ви звучи како практично решение. Но, ако постојано ги завршувате задачите на другите затоа што не сакате да се расправате или да им кажете дека не си ја завршиле работата, со текот на времето создавате нездрава динамика.

Колегите може да се навикнат дека секогаш ќе помогнете. А вие постепено станувате личноста која има најмногу обврски не затоа што тоа е формално нејзина работа, туку затоа што никогаш не кажува „не“.

Помагањето е позитивно. Преземањето туѓа одговорност по автоматизам е нешто сосема друго.

4. Се чувствувате виновно кога ќе поставите граница

Одбивате дополнителна задача затоа што веќе сте преоптоварени. И веднаш почнувате да размислувате: „Можеби требаше да прифатам.“ „Ќе мислат дека не сум тимски играч.“ „Можев да најдам време.“

А всушност сте направиле нешто сосема нормално сте поставиле граница. Границата не значи дека не сакате да помогнете. Значи дека знаете што реално можете да преземете без да ги загрозите останатите обврски. Понекогаш најпрофесионалното „не“ може да звучи вака: „Во моментов имам приоритети со кратки рокови. Можам да ја преземам задачата, но ќе треба да поместиме нешто од тековниот список.“

Тоа не е одбивање. Тоа е јасна комуникација.

5. Вашите потреби секогаш се на последно место

Ова е можеби најголемиот знак. Постојано им помагате на другите, останувате подолго, прифаќате промени во последен момент, ги покривате колегите и се обидувате сите да бидат задоволни.

Но кога станува збор за вас нема време. Нема време за пауза. Нема време за развој. Нема време за одмор.

Нема време да кажете дека сте преоптоварени

На долг рок, ова може да доведе до замор, фрустрација и чувство дека вашиот труд се зема здраво за готово. Како да престанете да им угодувате на сите? Не мора од утре да станете личност која на сè одговара со „не“.

Почнете со мали промени

Пред да прифатите нешто, направете пауза и прашајте се: „Дали навистина можам да го направам ова или само се плашам да кажам не?“ Не одговарајте веднаш на секое барање. Дозволете си да кажете: „Ќе проверам што имам како приоритети и ќе ти кажам.“

Научете да ги разликувате љубезноста и попустливоста

И запомнете: ако некој се разочара затоа што сте поставиле разумна граница, тоа не значи дека сте направиле нешто погрешно. Не мора сите да бидат задоволни од вас

На работното место вашата цел не треба да биде сите да ве сакаат. Вашата цел е да бидете професионални, одговорни, коректни и да ја завршувате својата работа. Понекогаш ќе кажете „не“. Некогаш некој нема да се согласи со вас. Некогаш ќе поставите граница која некому нема да му се допадне. И тоа е во ред. Не можете да им угодите на сите. Но можете да научите да не се изгубите себеси додека се обидувате.

Извор: Кариера