СветСветот на работникот

Швајцарија воведува такса за работници од ЕУ: Компаниите ќе плаќаат најмалку 2.000 франци

Горниот дом на швајцарскиот парламент денеска изгласа воведување такса од најмалку 2.000 швајцарски франци за доселувањето работна сила од Европската Унија, која би се активирала во рамките на новата заштитна клаузула предвидена со новиот пакет договори со ЕУ.

Предвидено е таксата за вработените да ја плаќаат директно компаниите што ги ангажираат, додека полнолетните членови на семејствата кои доаѓаат преку спојување на семејството сами би ги сноселе трошоците.

Законодавците предлагаат минималниот износ на таксата да биде меѓу 2.000 и 4.000 франци, а собраните средства да им бидат прераспределени на граѓаните на Швајцарија.

По активирањето на клаузулата, таксата би се применувала и на државјани на трети земји.

Мерката би стапила во сила доколку Швајцарија се соочи со сериозни економски или социјални проблеми поради високиот прилив на имигранти.

Според усвоениот предлог, Федералниот совет, односно швајцарската влада, ќе биде должен секоја година да ја анализира потребата од активирање на заштитната клаузула, се наведува на веб-страницата на швајцарскиот парламент.

Предлагачите на мерката сметаат дека таксата би требало да ги поттикне швајцарските компании повеќе да вработуваат домашна работна сила, пренесува „Свис инфо“.

Сепак, дел од политичарите од десниот центар од франкофонскиот дел на Швајцарија изразија сомнеж во нејзините ефекти и предупредија на дополнителната администрација. Слични забелешки упати и дел од левицата.

Извор: b92.net