ЕкономијаМакедонија

Индустриското производство порасна за 0,6 проценти за осум месеци, но во август падна за 1,9 отсто

Индустриското производство во Македонија во периодот јануари–август 2026 година е зголемено за 0,6% во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Сепак, август донесе послаб резултат. Во осмиот месец од годинава индустриското производство е намалено за 1,9% во однос на август 2025 година. Најголем пад во август е регистриран во Рударството и вадењето камен, каде што производството се намалило за 10,1%. Во Преработувачката индустрија е забележан пад од 1,3%, додека единствено Снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација бележи раст, од 0,8%.

Според главните индустриски групи, најголем пад во август има кај капиталните производи, каде производството е намалено за 8,9%. Следуваат енергијата со пад од 6,5% и интермедијарните производи, освен енергија, со намалување од 4%. Од друга страна, раст е забележан кај производите за широка потрошувачка. Трајните производи бележат зголемување на производството од 5%, додека кај нетрајните производи растот изнесува 7%.

Меѓу одделите кои имаат најголемо влијание врз августовскиот пад се издвојува и производството на моторни возила, приколки и полуприколки, кое е намалено за 8,7%. Уште поголем пад има кај производството на машини и уреди, со намалување од 9,6%, како и кај производството на електрична опрема, каде што производството е помало за 6,9%. Податоците покажуваат дека и покрај позитивниот кумулативен резултат во првите осум месеци, индустријата во август се соочила со пад во повеќе значајни производствени сектори.