НовостиСветот на работникот

ОТВОРЕНО ПИСМО НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ВРАБОТЕНИ ВО СЕКТОР ИГРИ НА СРЕЌА „САКАМ ДА РАБОТАМ“

   Време за читање 5 минути

Посебно адресирано до: Претседател, заменик претседател, членови, заменик членови на Комисија за европски прашања во Собрание на Република Северна Македонија, Арбер Адеми, Санела Шкријељ, Арта Биљали Зендели, Моника Зајкова, Снежана Калеска Ванчева, Фаница Николоска, Лидија Тасевска, Лолита Ристова, Жаклина Пепевска, Благица Ласовска, Марија Петрушевска, Тони Јаревски, Антонијо Милошоски, Миле Лефков, Мерита Кочи Коџаџику, Халил Снопче, Илија Николовски, Марија Кочовска, Мартин Костовски, Љубица Спасова, Бети Рамбаџиевска Наумовска, Љупчо Димовски, Мирче Аџиоски, Гордана Сиљановска Давкова, Игор Здравковски, Александар Николоски, Лидија Петкоска, Вјолца Адеми, Абдула Салиу и Даниела Стојановска Пановска
Почитувани,
Не постои ниту едно логично објаснување зошто по секоја цена се туркаат скандалозни и противуставни измени на Законот за игрите на среќа и забавни игри. Во услови на инфлација, растечка сиромаштија, ценовни шокови, непрекинато иселување на работно способно население, да се усвојуваат решенија кои ќе остават на улица 10 илјади вработени, е надвор од секаква здраворазумска логика. И уште сето ова се прави со злоупотреба на ЕУ знаме.
Земајќи предвид дека и денес ја продолжувате седницата на Комисијата за европски прашања на чиј дневен ред се измените на Законот за игри на среќа, и продолжувате да ги игнорирате нашите предупредувања, ќе се обидеме сликовито, преку лични сведоштва уште еднаш да Ви објасниме зошто ќе носите погрешна и крајно штетна одлука. И земете предвид, дека за разлика од популизмот на противниците на легалните игри на среќа, кои нема да носат никаква одговорност за страшните последици кои ќе следат, ова се вистински сведоштва! Еве како изгледаат нашите судбини во овие моменти.

„Конкурираш на јавен оглас на компанија која од владата на предлог министерството за финансии и е издадена лиценца за организирање посебен вид игри на среќа. Дел од овие компании се странски инвеститори, светски корпорации во оваа индустрија. Тоа влева сигурност и самодоверба дека ако те примат ќе добиеш сигурна работа. Во ова време тоа е реткост. Менаџментот те испраќа на платена обука, бидејќи не можеш да потпишеш договор за работа на неопределено време се додека не си подготвен да ги исполниш строгите стандарди за професионалност при извршување на работните задачи. Почнуваш да работиш, добиваш редовна, добра плата, со сите придонеси, плус со платени двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско работење, бидејќи работното време е 24/7. Добиваш финансиска сигурност. Основаш семејство, ти се раѓаат деца, решаваш да подигнеш кредит за да купиш стан, кола, си го планираш животот бидејќи веруваш дека имаш финансиска сигурност и без проблем ќе ги плаќаш ратите.
Одеднаш, Владата која издала лиценца за работа, му предлага на Собранието да усвои законски измени заради кои компанијата ќе биде принудена да стави клуч на врата. Странските инвеститори да си одат од земјата. Загрижените лица на менаџерите дополнително те вознемируваат. Закуподавецот на објектот каде работиш станува нервозен бидејќи договорот за закуп ќе мора предвреме да му биде раскинат. Те фаќа несоница од помислата дека ќе останеш без работа. Нема да можеш да ги плаќаш кредитите, те обзема страв дека ќе си имаш работа со извршители. Ќе стане хаос. Немаш избор, почнуваш да бараш контакти во странство за да дознаеш какви можности имаш да работиш таму. Пишуваш биографија и ја испраќаш. Со искуството во индустријата игри на среќа можеш веднаш да најдеш работа во западните земји, во ЕУ. Со горчина во душата почнуваш да го подготвуваш семејството дека можеби ќе нема друг избор освен да се иселите од сопствената земја.“
Почитувани пратеници,
Како Здружение сме разочарани и гневни што надлежните државни институции никогаш не застанаа во одбрана на нашето достоинство, човекови слободи и уставно загарантирани права на работен однос. Не оставија на бришан простор и подлегнаа на континуираната негативна кампања против легалните игри на среќа, зад која се кријат нечии бизнис интереси да се печали од играње на црно. Само се лажете ако мислите дека лесно ќе се помириме со судбината. До последно, со сите демократски средства ќе се бориме против неправдата. Ние не сме роботи за да ни биде сеедно што ни се загорчува животот.
Гласањето на овие законски измени е глас ЗА егзодус на дополнителни 35 илјади луѓе, кои ќе бидат присилени да си заминат од Македонија. Не сакаме да веруваме дека било кој од Вас може мирно да спие откако кренал рака за да нанесе ваква неправда. Никој од Вас не е избран на избори за да отпушта вработени туку да решава проблеми. Повлечете ги скандалозните и противуставни измени пред да стане предоцна.

 

ЗДРУЖЕНИЕ НА ВРАБОТЕНИ ВО СЕКТОР ИГРИ НА СРЕЌА
САКАМ ДА РАБОТАМ