НовостиСветот на работникот

Папулев: Македонските сезонски работници ќе имаат можност да заминат на работа и во Австрија за австриски плати

   Време за читање 5 минути

Бобан Илијевски

Голем дел од македонските работници ја искористија соработката на Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија и Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска, која им овозможи да станат нивни членови и да заминат да работат во Хрватска. Од потпретседателот на СУТ, Сашко Папулев дознаваме колку се задоволни нашите работници од тамошната работа и кои се нивните импресии.

„Јас лично сум презадоволен“

Сето она што го договоривме со работодавачот на интервјуто е исполнето до крај. Работата е одлична, а и колегите ме прифатија одлично, рече потпретседателот на Синдикатот за угостителство и туризам кој веќе подолг период работи во Хрватска.

„Сѐ уште кај постарите, па и кај помладите, постои таа ЈУ- носталгија за тоа дека сме биле дел од една држава и дека сме ги делеле сите работи заедно. Се чувствувам како да сум дома“, раскажува Папулев.

Тој истакна дека како што и било договорено, работи седум часа дневно или 174 часа месечно, а се што е прекувремено му е платено. Платено е и секое работење за време на празник и работа во недела. „Се е според колективниот договор“, вели Папулев.

Платите на сезонските работници

Според Папулев, најниската плата е 650 евра, додека високата, во зависност од позициите, изнесува од 1,500 до 1,600 евра.

„Доколку си на позиција Извршен шеф, на пример, (тие позиции се пополнети од Хрвати, но има и други сезонски работници од други држави како од Македонија), месечната плата е некаде од 650 до 1,500 – 1600 евра“, рече тој. 

Какви се импресиите на сезонските работници од Македонија кои работат во Хрватска?

Папулев и претседателот на СУТ Роберт Митровски биле во посета на нивните членови во Истарската жупанија, поточно во хотелите Валамар и Империјал.

На прашањето какви се импресиите од нивните членови за тамошната работа, Папулев истакна дека сите луѓе коишто се таму се презадоволни од работата, се што им било кажано на почетокот е исполнето, а и сместувањето, како што вели Папулев, им е одлично, бидејќи се сместени во хотел за персонал.

„Од таму одат на работа. Некои од нив работат на остров, а некои на копно. Храната им е одлична. Платите се како што беа договорени, според коефициентите и стручноста на самиот вработен“, вели Папулев.

Нагласи дека компанијата Валамар има хотели и во Австрија, каде што дел од македонските сезонски работници, кои ќе се покажат како одлични работници и знаат јазик, во иднина ќе имаат можност да одат на работа во Австрија, за австриски плати. Тоа значи дека зимската сезона ќе можат да ја работат во Австрија, а летната во Хрватска, додава Папулев.

Дали со оглед на тоа што голем број на македонските работници заминаа на работа во Хрватска, работодавачите во угостителскиот сектор во Македонија ќе ги подобрат работните услови и платите?

Папулев изрази надеж дека заминувањето на голем број на работници во Хрватска и шансите коишто ги имаат ќе ги вразуми македонските сопственици на угостителски објекти да ги зголемат платите и да ги подобрат работните услови.

„Ние сакаме да соработуваме со работодавачите во Македонија, како што и хрватскиот синдикат има одлична соработка со тамошните работодавачи, а тоа го видовме и на дело. Сите се борат за своите придобивки. Работодавачите да остварат поголем профит, работниците да бидат задоволни, а синдикатот да биде задоволен од сета соработка“, истакна Папулев.

Според него, доколку таа соработка таму функционира перфектно, нема причина зошто не би функционирала исто и кај нас. Папулев посочи дека тие неколку пати се обидувале да ги контактираат работодавачите и да направат стратегија, бидејќи сакаат луѓето коишто заминуваат да работат во Хрватска, да останат да работат во Македонија, се разбира за подобри плати.

Вели дека тоа не е само на нив, туку и на работодавачите. Тој испрати апел до нив да седнат заедно и да креираат стратегија за зачувување на работните места во Македонија. Тоа е пораката на синдикатот, но и лично негова порака.

Потребна е само волја од нивна страна, рече Папулев.

Инаку, податоците покажуваат дека 7,000 македонски работници се заминати на работа во Хрватска.

 

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси