Uncategorised

Партизацијата ја избрка и јавната администрација, сега брои исто како во 2015 година

   Време за читање 9 минути

Партизацијата ги брка вработените од јавната администрација па, и покрај масовните партиски полнења на институциите со кадри од партиите, бројот на вработени во државна служба паднал на нивото од 2015-та година, поради иселувањето но и неатрактивноста за работа во неа.

Ова го покажува истражувањето на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ во рамки на проектот за Следење на можна злоупотреба на државните ресурси, поддржан од НДИ, преку кој се испитуваше влијанието на изборите врз вработувањата во јавниот сектор, консултантските и другите договорни услуги.

Според наодите на ЗМАИ, изборните процеси дефинитивно влијаат на динамиката на привремените вработувања и на нивото на платените консултантски услуги во јавниот сектор, но влијанието е уште посилно – ако се смени и владеечката гарнитура. Така, штом нова  политичка структура дојде на власт почнуваат да растат привремените вработувања и консултантските услуги, но како што поминува времето ваквите ангажмани се намалуваат, што може да се должи на трансформација на работниот однос во редовни вработувања. Анализата исто така покажа дека додека едни владејачки гарнитури преферирале консултантски услуги, други повеќе ги користеле привремените вработувања.

NDIgrafikon1

 Иако нема големи пикови во изборните години, и промената кај редовните вработувања во администрацијата е очигледна по завршувањето на изборите. Со промената на власта во 2018-2019 (по формирањето на нова влада во 2017) и 2021 (по изборите во 2020) има значителен раст на бројот на редовно вработените во јавниот сектор. Ова укажува на тоа дека на секоја нова влада и се потребни неколку месеци до една година за да го искористи јавниот сектор како можност за вработување. Сепак, се чини последните години, работата во јавната администрација станува се помалку атрактивна, па така, бројот на вработени повторно се вратил на нивото од 2015-та година.

NDIgrafikon2

На централно ниво, највисоката исплата за привремени вработувања е забележана во 2010 година, кога сумата е петпати поголема од следната највисока сума во 2023 година. Во 2011 година се случува пад од 89% кој може да се објасни со промена на статусот на вработените од привремени во редовни, промена на начинот на нивно ангажирање (преку договор на дело или авторски договор) или прекинување на работниот ангажман. Следна највисока релативна промена се појавува во 2018 година кога во однос на претходната година има пораст за 80%, како резултат на дополнителни вработувања и зголемување на минималната плата.

Во 2011, 2014 и 2016 година, кога се одржуваат парламентарни избори, се забележува намалување на исплатите за привремени вработувања – за 26%, за 20% и за 9% соодветно, што не е случај во 2020 година кога има зголемување за 10%.

На локално ниво, исплатите за привремени вработувања покажуваат тренд на зголемување, како резултат на нови привремено вработени лица и на зголемување на минималната плата.

Најголемите промени се случуваат во 2011, 2016, 2018 и 2023 година.Во 2011 година се забележува намалување на исплатите за 30% во однос на претходната година, што аналогно со централната власт е резултат на истите претпоставки. Во 2016 година се забележува зголемување од 16%, најверојатно поради зголемувањето на бројот на привремено вработени. Во 2018 година се гледа зголемување од 34%, предизвикано од зголемувањето на минималната плата и дополнителните привремени вработувања, додека во 2023 година има зголемување од 22% кое е причинето од порастот на минималната плата.

%D0%9D%D0%94%D0%98 3

Кај привремените вработувања на локално ниво се забележува дека исплатите се зголемуваат по изборите и дека, освен во 2010 година, постои општ тренд на зголемување. Од друга страна, исплатите за редовно вработените лица во јавниот сектор имаат тренд на намалување наспроти зголемувањата на платите.  Учеството на платите и надоместоците во вкупниот реализиран буџет низ годините се намалува, но од 2021 започна трендот на значајно зголемување на платите во јавниот сектор. Притоа, учеството на вработените во јавен сектор во однос на вкупното работоспособно население бележи тренд на зголемување во период од 2017 до 2022 година.

 На централно ниво, консултантските услуги достигнуваат највисоки точки во 2015 и 2017 година. Овие зголемувања на исплати на централно ниво се случуваат постизборно, што укажува дека има или задоцнување во исплатите или дека консултантите се ангажираат по изборите.

„Можеме да забележиме дека во периодот од 2010 до 2016 година консултантските услуги имаат многу поголемо значење во однос на привремените вработувања, а со промената на власта привремените вработувања го земаат приматот, односно дека различни политички гарнитури преферираат различен начин на времено ангажирање на лица, истакна извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски.

%D0%9D%D0%94%D0%98

Според него „другите договорни услуги“ се ставка која што во системот навистина се користи за многу голем број на активности.

„Со згаснувањето на одредени институции најголемите трошења се враќаат во нормала, односно со воведувањето на Советот за јавни набавки и на Специјалното јавно обвинителство по 2016 година имаше десеткратно зголемување на другите договорни услуги за ангажирање на лица, а по нивното згаснување трендот повторно се вратил на некое ниво пред 2016 година“, вели Митевски.

Анализирата на малку подолги временски периоди, пак, покажува дека прво има зголемувања а потоа намалувања на бројот на постојано вработени во јавниот сектор откако ќе почне владеењето на одредена политичка структура. 

„Многу фактори може да влијаат на таквиот тренд, но најчесто е  конкурентноста, мобилноста на работната сила. А, ако зборуваме на подолг рок гледано од денешна перспектива тоа ќе биде и тренд – намалувањето на бројот на јавна администрација  природно ќе дојде, затоа што и бројот на жители во земјата се намалува“, вели тој.

Тој притоа не забележал тренд нова власт да отпушта лица ангажирани со договор на дело.

„Не забележавме таков тренд затоа што договорите на дело некако во континуитет имаат некој опаѓачки тренд, освен во периоди пое изборите. Но, оваа слика јасно ќе ја видиме во моментот кога Министерството за јавна администрација и информатичко општество ќе ни ги даде на располагање податоците од извештаите за плановите за вработување“, истакна тој.

За Митевски, она што е најтешко за следење е фрагмантираниот систем и следењето на локалните самоуправи.

„Освен трезорскиот систем каде што можеме да ги видиме трошењата, ние немаме  централна база со сите останати процеси. Морам да напоменам дека трезорскиот систем во здравството кај нас функционира како засебени  не е дел од трезорскиот систем на Министерството за финансии. За жал, сите овие трендови коишто ги гледаме од аспект на трошење не ги опфаќаат здравствените институции. Ако треба нешто во иднина како систем, како граѓански сектор да се залагаме тоа е да имаме поголема отвореност на финансиите и трезорскиот систем во здравството“, истакна тој.

Роберт Скот Хејзлет, виш директор на НДИ, кажа дека злоупотребата на државните ресурси ги поткопува принципите на добро владеење, еднаквост и правда, што доведува до широко распространети негативни последици за општеството. 

„Злоупотребата на државните ресурси е пречка за развојот. Владеењето на правото и етичките стандарди се поткопани. Економскиот раст се уназадува. Довербата во институциите е намалена. Ранливите заедници не се доволно услужени кога средствата се пренасочуваат кон неколку избрани групи. Исто така, кога функционерите ја користат моќта за лична корист, тоа ја нагризува ефикасноста и ефективноста на владините служби. Кога државните ресурси се користат за политички цели, тоа може да го искриви изборниот резултат“, посочи Хезјлет.     

„Со користење на јавно достапни податоци и нивно вкрстување, ЗМАИ ќе создаде интерактивна платформа која ќе се користи за да се идентификува влијанието на изборните процеси врз јавните набавки, вработувањето во јавниот сектор и финансирањето на политичките партии. Овој софтвер е иновативно решение кое ќе идентификува повторувачки шеми на однесување. Овој софтвер и сите анализи ќе придонесат кон подобрување на начинот на кој се управуваат јавните финансии. Анализата презентирана денеска е прва во низата и се однесува на влијанието на изборните процеси врз привремените и редовните вработувања во јавната администрација“, посочи Хејзлет.  

Александра Крстеска, виша менаџерка на програми во НДИ вели дека преку овој процес НДИ ќе може да влијаеме на подобрување на целокупниот изборен процес, односно на подобрување на легислативата каде што е потребно и со тоа да создаде поодговорни институции што ќе одговорат на барањата на граѓаните за отвореност и транспарентност.

Ова е прва анализа за влијанието на изборите врз вработувањата во јавниот сектор, консултантските и другите договорни услуги.