ЕкономијаМакедонија

Македонија ја надмина границата од 5 милијарди евра девизни резерви: Народната банка со највисоко ниво во последните години

Официјалните девизни резерви на државата на крајот на април 2026 година достигнале 5,207 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Во споредба со крајот на 2025 година, кога девизните резерви изнесуваа 4,925 милијарди евра, забележан е раст од околу 282 милиони евра или речиси 5,7 проценти.

Структурата на девизните резерви и натаму е доминантно насочена кон сигурни и ликвидни инструменти. Најголем дел од средствата, односно 70,8 проценти, се инвестирани во хартии од вредност, додека 16,8 проценти се чуваат во монетарно злато. Останатите 12,3 проценти се пласирани во валути и депозити.

Девизните резерви претставуваат еден од клучните показатели за макроекономската стабилност на земјата, бидејќи обезбедуваат поддршка за одржување на стабилноста на девизниот курс, навремено сервисирање на надворешните обврски и зачувување на довербата во финансискиот систем.

Растот на резервите во првите четири месеци од годината упатува на задржување на солидната надворешна позиција на економијата и дополнително ја зајакнува отпорноста на земјата кон евентуални надворешни економски и финансиски шокови. За Народната банка, одржувањето на соодветно ниво на девизни резерви останува еден од клучните предуслови за зачувување на монетарната и финансиската стабилност.