ЕкономијаМакедонија

Растат каматите на новите кредити, Народната банка објави нови податоци

Новите кредити во Македонија во септември поскапеле, покажуваат најновите податоци на Народната банка за движењето на каматните стапки во банките и штедилниците.

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити достигнала 4,94 проценти, што е зголемување за 0,24 процентни поени во однос на август и за 0,47 процентни поени во споредба со истиот месец минатата година.

Кај вкупните кредити, просечната каматна стапка изнесувала 4,68 проценти. Тоа претставува минимален месечен раст од 0,01 процентен поен, но на годишно ниво е забележано намалување од 0,17 процентни поени.

Од друга страна, просечната каматна стапка на вкупните депозити во септември изнесувала 2,19 проценти, со минимален месечен раст од 0,01 процентен поен и годишен пад од 0,01 процентен поен.

Каматите на кредитите за граѓаните

Кај домаќинствата, просечната каматна стапка на вкупните кредити останала непроменета во однос на август и изнесувала 5 проценти. Во споредба со септември минатата година, таа е пониска за 0,24 процентни поени.

Сепак, кај новоодобрените кредити за граѓаните е забележан раст. Просечната каматна стапка достигнала 4,77 проценти, што е зголемување од 0,04 процентни поени на месечно и 0,16 процентни поени на годишно ниво.

Кога станува збор за штедењето, просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесувала 2,12 проценти. Кај новопримените депозити, односно новите влогови, таа изнесувала 2,69 проценти, со месечно намалување од 0,03 процентни поени.

Промени и кај компаниите

Просечната каматна стапка на вкупните кредити за претпријатијата во септември изнесувала 4,36 проценти, додека кај новоодобрените кредити за компаниите достигнала 5,05 проценти. Тоа е месечен раст од 0,37 процентни поени и годишен раст од 0,69 процентни поени.

Каматната стапка на вкупните депозити на компаниите изнесувала 2,65 проценти, а кај новопримените депозити 2,73 проценти.

Податоците покажуваат дека просечните камати на постојните кредитни портфолија и депозити се менуваат побавно, додека кај новоодобрените кредити во септември е забележан поизразен раст. Тоа е особено важно за граѓаните и компаниите што во овој период планираат ново задолжување.