ЕкономијаМакедонијаНовости

ПЕНЗИСКИОТ ФОНД ИМА МИНУС ОД 33,5% Ревизорите нашле слабости и во матичната евиденција

   Време за читање 3 минути

Последната ревизија утврдила дека Фондот и понатаму не располага со податоци за вкупно наплатените средства од акции, како и решение за основот за повлекување на средства од сметката од страна на МФ, со што не може да ја потврди точноста и целосноста на наплатените приходи.

Оствареното зголемување на приходите во 2022 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции, истите се покриваат со одвојување на средства од Буџетот и учествуваат со 33,58% во вкупните приходи на Фондот, констатирал Државниот завод за ревизија во денеска објавениот конечен ревизорски извештај на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Ревизорите утврдиле дека и во 2022 година не се надминати утврдените состојби од претходните години за кои ревизорот во континуитет известува, а се однесуваат на недостиг на стручен и обучен кадар за актуарство и перманентниот одлив на вработени од ИТ секторот и внатрешната ревизија, што влијае на развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети, функционирање на информацискиот систем и ажурноста на сите воспоставени системи и ефективноста на системот за внатрешни контроли.

Во извештајот се наведува дека е извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2022 година кај Фондот на пензиското и инвалидското осигурување за 2022 година.

Изразено е мислење со резерва во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.

Ревизорите утврдиле слабости во делот на пописот и евидентирање во деловните книги на постојаните средства добиени по основ затворени стечајни постапки кои не се спроведени и на земјиштето за кое Фондот има сопственост/право на користење, како и бришење од сметководствената евиденцијата без одлука на Влада на расходуваните движните ствари.

Во извештајот се наведува дека Фондот и понатаму не располага со податоци за вкупно наплатените средства од акции, како и решение за основот за повлекување на средства од сметката од страна на МФ, со што не може да ја потврди точноста и целосноста на наплатените приходи.

Ревизорите утврдиле дека постојат слабости при спроведувањето и реализацијата на дел од постапките за јавни набавки на ИТ, тековно одржување и изведување на градежно занатски работи на деловни објекти на Фондот, како и за набавка и плаќање за поставување на фотоволтаичен систем за производство на електрична енергија за кој не е навремено обезбедена документација за сопственоста на објектот и не извршен технички прием.

„Слабости во чување и архивирање на податоците во матичната евиденција и недовршен процес на индексирање и дигитализирање на микрофилмови и скенираните документи кои го оневозможуваат потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од ПИО. Не се надминати состојбите во однос на нераспоредени средства на уплатната сметка од наплатен придонес за ПИО кои Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата од ПИО“, се посочува во соопштението од  Државниот завод за ревизија.

Според извештајот, и понатаму не е воспоставена електронска поврзаност на архивата на Комисијата за оцена на работната способност во Фондот со Комисијата за ревизија во МТСП, а пополнувањето на испразнетите работни места со лекари специјалисти е отежнато кое не обезбедува навремено и компетентно извршување на надлежностите на Комисијата.

Фото: Shutterstock/fizkes