Петровска на состанок со синдикатите: Oд ноември припадниците на Армијата ќе добијат покачување на платата од 2.000 денари

Во рамките на воспоставениот дијалог на министерката Славјанка Петровска со синдикатите во Министерството и Армијата, вчера во Министерството за одбрана се одржа средба на министерката Петровска со првите луѓе на четирите синдикати во Министерството и Армијата на која беше потврдено дека припадниците на Армијата од ноември ќе добијат зголемување на платата во висина од 2.000 денари. Тоа значи дека со октомвриската плата која што ќе се исплати во ноември припадниците на Армијата ќе добијат покачување на основната плата од 2.000 денари.

 „Армијата е гарант за безбедноста на секој граѓанин и затоа и за мене како министерка и за Министерството, унапредувањето на положбата на секој армиски припадник останува приоритет”, рече министерката.

Станува збор за сума за покачување на платите на припадниците на Армијата за која министерката Петровска и претставниците на Синдикатите во Министерството и Армијата преговараа и постигнаа согласност во пресрет на усвојувањето на Законот за служба во Армијата.

На средбата на која со министерката Петровска и претставниците на синдикатите разговараа и претседателот на ССМ, Дарко Димовски и советникот на премиерот за одбрана, Драган Василевски, беше потврдена заедничката заложба за понатамошно периодично зголемување на платите што ќе допринесе за понатамошно зголемување на стандардот на припадниците на Армијата.