Пивара Скопје воведува флексибилно работно време и хибриден модел на работа на долг рок

Пивара Скопје е компанија со 100 годишна традиција и историја, но истовремено е компанија која е лидер во иновациите и воведувањето на нови продукти, технологии, начини на работа и стандарди. За новитетите и за новиот начин на работа разговараме со Марија Тодоровска, Директор на Сектор за Луѓе и Култура

  • Што беше ваш мотив за да воведете флексибилно работење на долг рок?

На почетокот на 2020 година, кога се соочивме со заканата од новиот и непознат вирус Ковид-19, нашиот првичен инстинкт и реакција како компанија беше секако да ги заштитиме нашите луѓе, да го зачуваме нивното здравје и безбедност, но и да овозможиме континуитет во работењето. Па така, веднаш превземавме низа мерки за заштита на нашите луѓе, а една од нив е да овозможиме работа од дома за оние работни позиции за кои природата на работата тоа го дозволува. Уште веднаш се погриживме нашите колеги да ги имаат сите технички услови за непречено извршување на работните обврски од дома. Сите наши вработени поседуваат преносен компјутер за работа, а ние им обезбедивме и дополнителна опрема како што се монитори, слушалки, канцелариски столчиња, дополнителен Интернет и слично.

Иако ние во ниту еден момент не ги затворивме вратите на нашите канцеларии за колегите, за целото времетраење на пандемијата овозможивме целосна флексибилност вработените да одлучат од која локација се чувствуваат најбезбедни и најкомотни да ги извршуваат своите секојдневни обврски. Секако, како што се менуваше изразеноста на пандемијата и бројот на заразени со вирусот, така и бројот на вработени кои работат од дома, односно од канцеларија варираше и се менуваше. Се погриживме да ги примениме сите можни мерки на заштита од вирусот додека се вработените физички во канцеларија и од денешна перспектива  среќни сме што можеме да кажеме дека за целото времетраење на пандемијата имавме нула трансмисии на вирусот во Пивара Скопје.

Изминувајќи 2 години од ваквиот начин на работа увидовме дека местото на извршување на работата нема никакво влијание врз перформансот на вработените и врз нивната продуктивност. Исто така, увидовме дека овозможувањето на флексибилност во планирањето на работното време и флексибилноста да се комбинира работа од канцеларија и работа од дома позитивно влијаеше врз добросостојбата, задоволството и ангажираноста на вработените, а пред сè им овозможи постигнување на подобар баланс помеѓу работата и приватното време. Имајќи ги во предвид ваквите придобивки беше лесно да се одлучи дека нема да се вратиме назад на претходниот начин на организирање на работата, а ова ќе прерасне во трајна бенефиција за нашата организиација.

Повеќе на Vrabotuvanje.mk