Колумни

Плоштад или паркинг?

209views

Мала прошетка по плоштадот Македонија во Скопје, сега со целосно доуреден простор. Оној од Пелистер кон Триумфална и ГТЦ. За вкусовите нема да се расправаме нели, дали треба или не тука да постои тревник?! Но, паѓа во очи благо пожолтената трева иако не се работи за голема површина. А плус ова лето е и прилично врнежливо. Лошо одржување.

Но нејсе, не ми е тоа поентата.

Движејќи се по новиот плочник не може да не забележите дека изведбата на работите е ужасно лоша. Па така лесно може да се сопнете со оглед на тоа дека плочките не се нивелирани. Остатоци од „Груевизмот“ ќе кажат поддржувачите на партијата на власт. Јас би рекол, константа.

Еве што изјави Шилегов при свеченото пуштање во употреба на овој простор: „Воведуваме нови стандарди во уредувањето на јавниот простор во Скопје. Овој простор пред само неколку месеци го препознававме како местото каде што на првиот посилен дожд се собираше вода на пропаднатиот асфалт која ни го ограничуваше движењето. Овој простор заедно со зелениот покрив на ГТЦ го претставуваат всушност новиот стандард за изгледот на јавниот простор во нашиот град и се вклопуваат еден во друг, со цел на нас и на граѓаните на целата држава им бидат простор на којшто може да поминат убави моменти. За реализацијата на овој проект од градскиот Буџет потрошени се околу 33 милиони денари со вклучен ДДВ.“

Подобро е пропаднат асфалт или пропаднати плочки? Па добро ајде, подобро е плочки. Но, продолжувајќи накај „Триумфалната порта“ запрепастувачки делува тоа дека на средениот плочник платен од народот дебели 550 илјади евра, повторно си се паркираат автомобили?! И никому ништо. Оние граѓани кои паркираат на овој простор се несовесни, но градските власти се тотално неодговорни. А, лесно може да го спречат ова.

Извинете, ама ако е ова пешачка зона и уредувањето нè чинело 550 илјади евра, зошто Град Скопје дозволува возење и паркирање по овие прилично скапи плочки?! Дали некој би вложил толку големи средства во својот двор и потоа би дозволил да му возат и паркираат во него?! Па секако не. Но, државното е ничиво па така никој не се грижи за него.

Ако планиравте паркинг подобро ќе беше да го оставевте асфалтот. Вака од плочките нема да остане ништо, како што впрочем не остана ни на Кејот.

Нови власти, исти принципи на владеење. „Јавашлук“.

Автор: Стефчо Негриески

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник 

Извор: Дијалектика.ком