Поголеми плати можат да се добијат и преку склучување на колективни договори, само…
Не знам до кога и на каде ќе тераме со дебатата околу растот на платите на вработените во приватниот сектор. Во досегашните мои колумни верувам сте забележале дека повеќе акцент ставам на нив. Тоа го правам од причина што токму вработените во приватниот сектор се двигателите на македонската економија. Да ги нема, верувам дека би доживеале сеопшт разор. А и богами се плашам дека тоа може да се случи.
Во изминатиот период можевме да прочитаме дека 60,000 наши млади луѓе, потенцијални работници, се иселиле од Македонија во изминатите пет години. Тоа е една цела дејност, како на пример Земјоделството, шумарството и рибарство, каде според последните податоци на Државниот завод за статистика од 2024 година, бројот на вработени изнесувал 62,287. Инаку вкупниот број на вработени изнесува 694,506 од кои 525,232 се вработени во приватниот сектор. Пред пандемијата, бројката на вкупно вработени беше над 700,000.
Сите неисполнети ветувања, поривот на одредени газди да се однесуваат како феудалци и општата состојба во државата, прават да ни снемуваат луѓе чија бројка слободно може да пополни еден помал град. Да не зборуваме за бројките на иселени лица од 91-ва, па наваму. Сигурно таа бројка може да формира една нова македонска држава.
Факт е дека платите не се единствената причина за иселувањето на луѓето, но останува една од најголемите. Со години се вртиме во еден маѓепсан круг. Работодавачите велат поголема продуктивност, па поголеми плати, а работниците – прво поголеми плати, па поголема продуктивност. Како што оди времето и бројот на работници постојано се намалува, работодавачите ќе бидат принудени да попуштат и да го прекинат тој маѓепсан круг со тоа што ќе започнат повеќе да ги зголемуваат платите.
И покрај притисокот од немањето работна сила, нема да биде лошо некој од синдикатите да седне на преговарчка маса и да испреговара нов Колективен договор за приватен сектор. Во него не само што ќе можат да се утврдат износи на плати, туку можат да се доуредат и останатите права кои произлегуваат од Законот за работни односи. Ако ги следиме примерите на Запад, ќе видиме дека таму синдикатите и работодавачите седнуваат на маса и потпишуваат колективен договор. Но, за да го направиш тоа треба да имаш членство, што во Македонија тоа не е случај. Затоа можеби би било добро и да се намали бројката за утврдување на репрезентативност, па да можат одредени синдикати во приватниот сектор, кои покажуваат вистинска подготвеност да се изборат за работничките права, да седнат на иста маса со репрезентативната Организација на работодавачи и да скројат еден колективен договор на ниво на држава, а потоа и на ниво на гранки и работодавачи.
Се’ додека се чека некој трет да интервенира, нема да се промени ништо. Ќе продолжиме да стагнираме како досега.
Колку за потсетување, Европската конфедерација на синдикати постојано ги охрабрува синдикатите да го користат колективното преговарање како алатка за остварување на своите права. На крајот на краиштата, ако не успее, секогаш тука се протестите и штрајковите.
Ставовите изразени во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник