КолумниНовости

ПОДОБРЕНАТА ПОЛОЖБА НА ЖЕНИТЕ – КЛУЧЕН ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ

   Време за читање 4 минути

Колумна на Кристијан Кожески, Докторанд по економски науки на УКИМ

Подобрувањето на положбата, како и јакнењето на учеството на жените во општествените процеси, не само што претставува индикатор за зголемен степен на демократија, туку овозможува реално подобрување на благосостојбата и материјалната положба на жените.

Сепак, женската работна сила се уште се соочува со бариери и предизвици коишто не дозволуваат целосна интеграција на жените на пазарот на трудот и искористување на нејзиниот целосен потенцијал. И покрај фактот што, во Европа поголем дел од жените во однос на мажите се стекнуваат со универзитетска диплома, жените забележуваат несразмерна интеграција на пазарот на трудот, особено помеѓу високо платените позиции. Значителен дел од вработените жени се ангажирани на работни позиции во услужниот сектор, и имаат пониски примања во однос на мажите.

Во однос на положбата на жените на пазарот на трудот во Македонија, се забележува значаен но се уште недоволен напредок, особено во однос на учеството на жените на пазарот на трудот. Покрај подобрувањето на учеството на жените на пазарот на трудот, по се изгледа во земјите од Западен Балкан сеуште перзистираат одредени предизвици, бариери коишто ги одвлекуваат жените од активно учество на пазарот на трудот. Согласно податоците за партиципацијата на мажите и жените на пазарот на трудот, евидентни се значајни разлики. Во рамки на земјите од Западен Балкан, највисок јаз во степенот на партиципација на мажите и жените на пазарот на трудот се забележува во Македонија. Учеството на мажите на пазарот на трудот во Македонија е повисоко за 22 проценти поени во однос на жените. Учеството на мажите на пазарот на трудот во Македонија  во 2022 година изнесува 64%, додека истовремено учеството на жените е 42%. Партиципацијата на жените на формалниот пазар на труд во 2022 година забележува најниски пропорции во Македонија и Босна и Херцеговина. Колку за споредба, разликата помеѓу мажите и жените во учеството на пазарот на трудот во Србија изнесува 15 проценти поени додека во Словенија 9 проценти поени.

112323

Ниското ниво на вклученост на жените на пазарот на трудот во овие земји е резултат на повеќе фактори, како економски, така и неекономски (во прв ред културолошки). Како дел од факторите коишто влијаат за ниската застапеност на жените на пазарот на трудот влијае и ангажманот во сивата економија како и  неплатениот семеен труд. Податоците за ЕУ покажуваат дека во текот една работна недела жените посветуваат 22 работни часови за активности поврзани со домот, додека мажите за оваа намена трошат  единствено 9 работни часови. Дел од жените во земјите од Западен Балкан се активно вклучени во работни ангажмани коишто не се пријавени во официјалните статистики, но претставуваат основен извор на егзистенцијален доход. Дополнително, жените партиципираат во најголем дел од работните активности поврзани со домот и родителството, односно во форма на неплатен семеен труд. Родителството, односно грижата за децата значајно влијаат за пониската стапка на активност на пазарот на трудот на жените, споредено со онаа на мажите.  Согласно податоците од Европската Комисија, околу 75% од вкупните работни обврски околу домот и грижата за децата се реализираат од страна на жените. Оттука, недоволните институционални капацитети за згрижување на децата во претшколска возраст претставуваа еден од ограничувачките фактори за интеграција на жените на пазарот на трудот. Емпириските студии, упатуваат на директната позитивна врска помеѓу ниското ниво на учество на жените коишто имаат деца, со степенот на достапност, но и цените на услугите за згрижување на децата, односно капацитетите на згрижувачките и образовните институции.

Подобрувањето на состојбата и вклученоста на жените на пазарот на трудот, има силно, позитивно влијание врз економските перформанси, особено во период на значајно намалување на работната сила и недостаток на одредени профили на работници. Подобрувањето на состојбата на жените на пазарот на труд ќе придонесе за зголемена финансиска самостојност, независност, како и нивно активно учество во општествените процеси. Степенот на партиципација на жените на пазарот на трудот ќе придонесе за зголемување на користите од најзначајниот ресурс на една национална економија, човечкиот капитал.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *