Половина од компаниите донираат, со законски измени ќе се олеснува административната постапка

Со измени на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности полесно ќе се обезбедуваат даночни поттикнувања на донации од граѓаните и претпријатијата. Претставници на бизнис заедницата, институциите и граѓанските организации денеска на Форум за филантропија во Скопје споделуваа искуства и креираа модели за засилена соработка, со цел поттикнување донации и спонзорство.

Истражувањата на Здружението „Конект“ покажуваат дека половина од компаниите донираат во текот на годината што, според нив, е показател дека кај нас има значаен филантропски потенцијал. Во однос на донирањето средства од граѓани Северна Македонија годинава се искачила на солидното 25-то место во споредба со 75-тото во 2013 година, според рангирањето на Светскиот индекс на донирање (World Giving Index).

Учесниците на форумот порачаа дека во време на непредвидливи случувања во светот и иднина полна со неизвесност, вистински момент е филантропијата да го заземе своето вистинско место како двигател на позитивни промени во заедницата.

Вицемиерот за економски прашања  Фатмир Битиќи порача дека секоја форма на филантропија значи грижа и почит за своите сограѓани и држава.

-Голем дел од компаниите во текот на годината донираат и на тој начин вложуваат во заедниците каде делуваат и работат. Нив ги поздравувам и ги поттикнувам да продолжат да бидат двигатели на развојот на своите заедници. Како Влада, овие напори посебно ги цениме, бидејќи секоја форма на филантропија значи грижа и почит за своите сограѓани и држава, рече Битиќи.

Посочувајќи дека Северна Македонија е дел од меѓународните текови и ја следи Агендата 2030 и Целите за одржлив развој, Битиќи укажа дека оваа рамка  нѝ дава насока за соработка и заедничко работење за одржлив развој во кој филантропијата е несомнено еден од централните механизми.

– Поради ваквата значајна улога на филантропијата во поттикнувањето на развојот, Владите, вклучително и нашата го поддржуваат донирањето и филантропијата. Во оваа насока, во тек се измени на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности преку кои полесно ќе се обезбедуваат даночни поттикнувања на донациите од граѓаните и претпријатијата, соопшти Битиќи.

Дрилон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија, истакна дека бизнисите донираат многу во државава од два мотива, личен и за даночни олеснувања.

-Пред предизвици сме првин во делот на искористување на даночни бенифиции, административната постапка  односно сложеноста при реализирање на овие донации. Вториот аспект е опшетествен бидејќи компаниите имаат премногу барања за донации. Едниот аспект е институционален и се надеваме дека со поддршката на вицепремиерот ќе го  протуркаме законодавството како да се функционира подобро и да се примени како што треба. Во делот на општествениот предизвик со постојаното барање за донации, пак, да се реши на стратешки начин односно преку проектот да им помагаме на компаниите како тие средства да ги канализираат во деловите на општеството каде ќе имаат поголем ефект, рече Исени.

Извршната директорка на „Конект“, Никица Кусиникова, пак, порача дека обмислените донации насочени во корист на пошроката заедница имаат моќ долгорочно да ги подобрат состојбите и да придонесат за благосостојба во општеството. -Создаваме партнерства за донирање за да овозможиме зголемени донации, вистински поттикнувања за донаторите и лесни и забавни начини на донирање коишто ќе им овозможат на сите граѓани и компании да бидат дел од промените кон подобро утре, рече Кусиникова.

Заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на САД  во државава Ерик Мејер се надева оти преку партнерствата за донирање, Владата ќе ги препознае корпоративните и индивидуалните филантропи како партнери во општествениот договор, а не само акционери до кои можат да се обратат за поддршка во време на кризи, како што е неодамнешната пандемија.

-Ги охрабрувам сите деловни лидери овде да ја прифатат филантропијата, да станат проактивни корпоративни граѓани и да инвестираат стратешки во општествените промени кои се неопходни за поддршка на развојот на заедниците во кои работат. Филантропијата ги зајакнува демократските слободи, човековите права и одговорноста за животната средина, рече Мејер.

Форум за филантропија се одржа во организација на проектот на УСАИД Партнерства за донирање, што го спроведува Здружението „Конект“, во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право, Стопанската комора на северозападна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во државава.