МакедонијаСиндикат

Потпишан Колективен договор за вработените во Управата за хидрометеоролошки работи

На 27 март 2026 година, Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) и репрезентативните синдикати потпишаа Колективен договор со кој се унапредуваат правата, условите за работа и социјалната сигурност на вработените во институцијата.

Од страна на работодавачот, договорот го потпиша директорот на УХМР, Игор Лазаровски, додека од страна на синдикалните организации учествуваа:

  • Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), претставувана од претседателот Благоја Ралповски,
  • Синдикалната организација на САДУ при УХМР, претставувана од претседателот Горан Басовски,
  • Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ), претставуван од претседателот Трпе Деаноски,
  • Синдикалната организација при УХМР во рамки на УПОЗ, претставувана од претседателот Глигор Милевски.

Со потпишувањето на овој Колективен договор се воспоставува современа рамка за регулирање на работните односи, која обезбедува поголема заштита на правата на вработените, подобрување на условите за работа и унапредување на мотивацијата и професионалниот развој.

Договорот претставува резултат на конструктивен социјален дијалог и заедничка заложба за создавање стабилна, ефикасна и модерна институција која ќе продолжи да ја исполнува својата клучна улога во обезбедување навремени и точни хидрометеоролошки информации за граѓаните и институциите.