- Advertisement -
НовостиПравдаСветот на работникот

Потребен е комбиниран систем на пензионирање со флексибилна компонента, вели Јовевски

Потребен е комбиниран систем - Работник
1.12Kviews

Трудовиот сектор на Левица неодамна преку фејсбук статус излезе со барање работниците да се пензионираат со 35 години работен стаж, без разлика на возраста. Ова барање предизвика бура на реакции на социјалните мрежи. Некои од нив беа во насока на поддржување на барањето, а други беа против истото. 

„Најдобро решение би било комбиниран систем на пензионирање кој ќе опфати два критериуми, и тоа пензиски стаж плус години на старост, со флексибилна компонента“

Порталот Работник побара став и од универзитетскиот професор по трудово право, проф. д-р Лазар Јовевски кој предава трудово право на правниот факултет при УКИМ „Јустинијан I“, а воедно има учествувано во изработка на бројни законски решенија коишто се од областа на трудот.

Јовевски вели дека треба да се внимава кога се предлагаат одредени бројки и со истите да не се лицитира, туку тие да се одраз на анализа која оди во насока на потребите на пазарот на труд во Македонија, а како што вели, во предвид треба да се земе и одржливоста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. 

„А зошто не со 30 години, или 25? Шегата настрана, треба да се внимава кога се предлагаат одредени бројки, да не се лицитира, туку истите да се одраз на анализа која оди во насока на македонските потреби на пазарот на труд, наспроти одржливоста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување“, истакна Јовевски. 

Тој посочи дека за враќање на вториот критериум за пензионирање – години на стаж, покрај годините на старост кои денеска се основен и единствен критериум за остварување на правото на старосна пензија е заложба за која зборува години наназад. 

Нагласи дека најнапред е потребно да се види дали ќе остане на сегашниот минимален услов од 15 години стаж, за да се оствари воопшто правото на пензија. 

„Од друга страна, доколку само се внесе стажот, без минимален стаж на осигурување, и без години на старост, тоа би било решение кое во моментов не е применливо и претставува желба која оди на линија на популизам“, вели Јовевски. 

Смета дека денес, а и во годините кои следат најдобро решение би било комбиниран систем на пензионирање кој ќе опфати два критериуми, и тоа пензиски стаж плус години на старост, со флексибилна компонента која подразбира две до три подваријабили во соодносот стаж со години старост.

Според него, овој начин на остварување на правото на старосна пензија ќе овозможи далеку подобри услови за огромна група вработени, односно на тој начин одредена група на вработени која сака подолго да работи, ќе има можност да работи, а од друга страна, одредена група на вработени која сака порано да се пензионира, ќе може да го стори тоа без проблем.

Бобан Илијевски