- Advertisement -
МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Потребна е поголема заштита на новинарските екипи преку измена на Кривичниот Законик

Потребна е поголема заштита - Работник
271views

Неказнивоста на нападите врз новинарските екипи мора да престане, но за тоа е потребно да се воспостави поефикасен систем за заштита при нивната работа. Ние како еснафски здруженија (ССНМ и ЗНМ) веќе неколку години бараме измена на Кривичниот законик со што медиумските работници ќе добијат поголема заштита од институциите при извршувањето на нивните професионалните обврски, односно напад врз новинарска екипа ќе се третира како напад врз службено лице, вели Маја Јовановска, член на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ за порталот Работник. 

„Оваа иницијатива декларативно беше прифатена од претходната власт, но остана само како идеја. Во меѓувреме продолжуваат нападите врз новинарските екипи, како што беше вчерашниот врз колегите од Алџезеира на митингот организиран од партијата ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа казни мора да има, Законот мора да предвиди санкција за оној што ќе попречи новинарска екипа при работа“, вели Јовановска. 

Advertisement

Таа истакна дека Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство само преку брза постапка ќе покажат дека постои волја за расчистување на случаи во кои има напади врз новинари. Како што вели, со тоа ќе се придонесе кон обесхрабрување на идни напади, а и ќе се подобри степенот на безбедност на новинарите и медиумските работници.

Порача дека сите видови на притисоци и закани кон новинарите и медиумските работници негативно се одразуваат на слободата на изразување и креираат ефект на самоцензура. Вели дека ССНМ очекува од новата влада сериозно да се зафати со креирање на безбедна работна средина за новинарите како еден од најважните предуслови за слободно новинарство.

Advertisement
Advertisement

Фото: Pixbay

Во 2017 година, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници поднесе предлог за измени и дополнувања на Кривичниот Законик со кои би се овозможила поголема заштита на новинарите и медиумските работници, но до ден денеска тие предлози не се имплементирани во Законикот. 

Во анализата и препораките за измена на Кривичниот Законик на Р. Македонија за зголемена заштита на новинарските екипи при вршењето на нивната професионална должност стои дека со оглед на честите напади врз новинарите во Македонија, а со цел да се обезбеди подобрена правна заштита, ССНМ смета дека воведувањето на нови кривични дела во Кривичниот Законик: „Спречување на новинарите во извршување на професионалните задачи“ и „напад врз новинарите во извршувањето на професионалните обврски, односно дополнување на постојаните кривични дела „Тешко убиство“ и „Тешка телесна повреда“ може да придонесе за одвраќање на потенцијалните сторители на вакви напади во иднина. 

Според ССНМ, со предложените измени новинарските екипи ќе добијат зголемена заштита во извршувањето на професионалните обврски, слично како официјалните лица во вршењето на службените дејствија. 

„При тоа треба да се нагласи дека новинарите и медиумските работници не се изедначуваат со службените лица. Таквата заштита ќе биде во согласност со меѓународните и европските стандарди и практиката не Европскиот суд за човекови права која е ‘позитивна обврска’ врз основа на член 10 од Европската конвенција за човекови права за да се обезбеди безбедна средина и уживање на слободата на изразување“, стои во анализата. 

Фото: 24.мк

Понатаму стои дека со цел зголемена заштита на новинарите во врска со извршувањето на нивните професионални задачи, пропишувањето на посебни кривични дела е подобро решение отколку на новинарите да им се обезбеди статус на службени лица, затоа што со кривичните дела против државни органи – службени лица – се штити законското извршување на службената работа, односно службената должност. Службената работа или должност, која ја вршат службените лица, по правило значи примена на прописи и други одлуки на надлежните државни органи. Професионалните задачи на новинарите не се исто што и службената работа.

„Со посебните кривични дела, односно со надополнување на постојните кривични дела тешко убиство и тешка телесна повреда, треба особено да се заштити општествениот и индивидуалниот интерес за непречено вршење на новинарската професија, како професија од јавен интерес, која очигледно во Македонија носи зголемен ризик по безбедноста на лица која ја вршат. На овој начин се избегнува и непотребното и невозможното изедначување на новинарите со службени лица во останатите ситуации предвидени со КЗ, за кои, на пример, се предвидува и построго казнување на службените лица за извршување на одредени кривични дела“, стои во анализата на ССНМ. 

Во анализата е истакнато дека предложените кривични дела за заштита на новинарите се темелат на описот на кривичните дела Спречување на службено лице во извршувањето на неговата службена работа (член 382
КЗ)1 и Напад врз службено лице во вршење на службена должност (член 383 КЗ)2 како и со казните пропишани за тие дела.

„Нашиот предлог во однос на новинарите е засега прилагоден на висината на казните
пропишани за „службени лица“ и одговара на висината на казните за постојната квалификувана форма на кривично дело Загрозување на безбедноста од член 144 став 3.На кривичното дело Тешко убиство (член 144) се предлага да се додаде нова точка со која би се пропишала построга казна за убиство на новинар, каква што е пропишана и за убиство на службено или воено лице“, се вели во анализата. 

Во анализата се додава дека на кривичното дело Тешка телесна повреда (член 131) се предлага да се додаде уште една квалификувана форма во случај кога делото е извршено против новинар, службено лице, малолетно лице или бремена жена. 

Бобан Илијевски

 

Advertisement