„Потребно е воспоставување на смер за стручно ИКТ образование во средните стручни училишта“

Пишува: Бобан Илијевски

ИКТ секторот е еден од најбрзорастечките сектори во Македонија. Од ден на ден, се повеќе млади луѓе сакаат да бидат дел од него. Примарно, поради тоа што е еден од најплатените во државата, но и нуди можност за напредувања во областа на информатичко – комуникациските технологии. Исто така, овој сектор, според светските експерти е еден од оние коишто ќе доживее бум во иднина и е во топ 10 сектори коишто ќе развива нови професии, кои исто така ќе бидат многу платени. 

Според податоците на Државниот Завод за статистика за просечната нето плата во ноември 2021 година, коишто излегоа денеска, просечната нето плата на вработените во ИКТ  секторот изнесува 74,240 денари или 1,204 евра и со тоа е една од најголемите нето плати во Македонија. 

Професиите како програмер, коишто влегуваат во склоп на ИКТ секторот, мора да се напомене дека бараат да се има одредени вештини, знаења и квалификации, коишто во најголем дел се стекнуваат на факултетите, но и преку програми коишто ги нудат одредени компании од секторот. 

Фото: Freepik

Во едно интервју за порталот „Работник“ минатата година, Менаџерот на ИКТ компанијата ⋮IWConnect – Development Solutions, Елизабета Мемца посочи дека понудата на кадар се зголемува, но и дека тој е обратнопропорционален со квалитетот што се добива. 

Главниот проблем во нашата држава е едукативниот систем кој споро го следи чекорот на брзиот развој на новите технологии, со што се создава кадар кој не е доволно едуциран, и не може директно да започне со работа, односно, потребно е нивно дообучување кое обично трае од 3 до 4 месеци. Како за пример може да ги земеме Украина или Индија, каде работите динамично се менуваат во едукативниот систем со цел да се фати чекор со промените и развојот во сите индустрии“, истакна Мемца во интервјуто. 

Светот и развивањето на современите технологии се движат со енормна брзина. Ова е еден од главните фактори за брзиот раст на овој сектор, а со самото тоа и побарувачката на соодветен кадар се повеќе се зголемува. Значи имаме еден правопропорционален раст на понуда и побарувачка, додаде таа. 

Во изјава за порталот „Работник“, правниот советник на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Петар Лазовски, во однос на тоа колку факултетите во Македонија им овозможуваат на студентите да се стекнат со знаења и вештини за да бидат конкурентни во ИКТ секторот, рече дека факултетите и професорскиот кадар се тие кои максимално мора да се вложат за да го пренесат своето знаење на студентите кои во иднина би работеле во ИКТ секторот. 

 

Според него, воспоставувањето на нови практики и програми се од витално значање на иднината на овој сектор. 

„Сите образовни институции (државни и приватни), а поврзани со ИКТ секторот треба да воспостават практика на дијалог со компаниите кои работат во ИКТ секторот со цел работодавачите изворно да ги дадат информациите за потребниот кадар и воспоставување на нови програми за одредени профили на работни места доколку има објективна потреба од такво нешто“, вели Лазовски. 

Во тој контекст, објасни Лазовски, во рамки на швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е” во изминатиот период се реализирани неколку активности со цел воспоставување на т.н. средно стручно образование на кое МАСИТ е активен поддржувач. 

„Идејата е нашите компании подетално да се запознаат со веќе постоечките модели на образование и можностите кои државата ги пружа за компаниите, кои како такви се формално правно развиени, но истите не се многу познати за компаниите и не се ставени во пракса. Таков пример се сите модели за пракса, феријална пракса, можноста за префрлување од едно стручно средно, на друг тематски неповрзан факултет, подоцна низ академската развојна линија и слично“, истакна Лазовски. 

Интересот на целокупниот проект и Швајцарската амбасада, како што вели, е да помогнат кон развој на средното стручно образование во нашата држава, а интенцијата е МАСИТ преку своите членки да иницира вопоставување на нова насока за средно стручно ИКТ образование, која би придонела кон усовршување на млади луѓе според потребите на ИКТ компаниите и оспособување да работат додека учат. 

Колку пандемијата придонесе луѓето повеќе да се насочат кон стекнување на квалификации кои се потребни за работа во ИКТ секторот?

Лазовски вели дека со самиот почеток на пандемијата и со целиот процес на воведувањето на мерките за спречување на ширењето на Ковид – 19, во нашата држава и насекаде низ светот, вработените биле принудени да работат од своите домови. 

Соочени со новонастанатата состојба, компаниите, но и вработените ја сфатиле потребата од унапредување на знаењата во делот на ИКТ, што придонело да се унапредат знаењата на вработените во овој дел. 

„Сето тоа е само показател дека користењето и учењето на нови алатки и програми и секако целиот процес на дигитализација е многу позитивен откако голем број бизниси почнаа да се потпираат на технологијата за комуникација и самото „откритие„ дека таа не само што е изводлива туку во одредени случаи дава и подобри резултати“, посочи Лазовски. 

Во светот се повеќе се зборува за воведување на нови модели на работа, а некаде се тестираат или применуваат (последните информации се дека Велика Британија започнала да го тестира моделот на четиридневна работа недела). Оттаму, го запрашавме Петар Лазовски дали во ИКТ компаниите во Македонија се применуваат некои од моделите за работа, како четиридневна работна недела, скратено работно време и сл. Го прашавме и за тоа кои се очекувањата на Комората за примената на овие модели во Македонија.

ИКТ компаниите во Македонија, според Лазовски, се редок пример каде работењето и исполнувањето на работните задачи се регулираат на неколку начини, односно на вработените примарно им е дадена можноста за работа од дома или флексибилно работно време, што, како што вели, е редок пример во државата. 

„ИКТ секторот се заснова на квалитативно извршување на одредена задача, за која вработените имаат потполно право и можност истата да ја реализираат преку достапните модели на регулирање на работниот однос во договор со работодавачот. Можностите за ‘работа од дома’ и ‘флексибилно работно време’ за чија либерализација во законот за работни односи, МАСИТ се залага со години, претставуваат механизми кои се од особена важност и потреба за ИКТ секторот“, подвлече Лазовски. 

Она што е важно да се нагласи, објаснува тој, е дека ИКТ индустријата не ги применува како мерки, туку истите претставуваат механизам преку кои компаниите им овозможуваат подобрен баланс на своите вработени помеѓу работното време и социјалното време. Нагласува дека достапните и веќе воспоставените механизми на регулирање на работниот процес во странство се добра пракса која треба да биде разгледана и во нашата држава. 

„На крајот од денот, нашите членки се тие кои го имаат последниот збор, односно членките се тие кои се иницијатори за воспоставување на нова практика или право со цел олеснување на работниот процес и давање слобода на договарање помеѓу работникот и работодавачот“, вели Лазовски. 

Одреден дел од компаниите во ИКТ индустријата во Македонија се дел од странски групации кои работат на странски пазари, па со тоа процесите воспоставени на европско и светско ниво ги вопоставуваат во компаниите подружници во Македонија, истакна Лазовски и нагласи дека преку тоа се дава пример за добро и функционално работење и вопоставување на нови практики кои имаат позитивни импликации врз вработените. 

Порача дека Македонија мора да биде партнер со компаниите од овој тип со цел усогласување на добрите практики со постоечките закони.

Фото: Freepik