Предизвиците од спроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација

Мрежата за заштита од дискриминација денеска ќе одржи онлајн конференција насловена „Предизвици, успеси и научени лекции од спроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација 2020-2022″.

Во изменинатиот период Мрежата направи мониторинг над спроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и од страна на Народниот правобранител.

– Резултатите покажуваат дека имаме успеси во работата на Комисијата и придвижување кон поефикасна и ефективна заштита од дискриминација. За позитивните аспекти од работата на КСЗД сведочи и зголемувањето на бројот на претставки, но сѐ уште постојат и бројни предизвици особено во превентивно-промотивната и во советодавно-експертската функција. Од друга страна, не се бележи унапредување во работата на Народниот правобранител, а според бројот на претставки можеме да зборуваме и за уназадување, наведуваат од Мрежата.

Оттука, како што посочуваат, мапирани се насоки на измени и дополнувања на Законот за спречување и заштита од дискриминација со цел поуспешно остварување на клучната цел, уживање на правото на еднаквост на граѓаните. Извештаите содржат и препораки за измени и дополнувања на Законот за Народен правобранители и препораки за унапредување на практиките и капацитетите на овие институции.

На конференцијата ќе бидат претставени резултатите од извештаите од мониторингот над спорведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, ќе се дискутираат клучните наоди и ќе се донесат заклучоци.

Извештаите се подготвени во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Унапредување на политиките и практиките за заштита од дискриминација и промоција на еднаквост” поддржан од Фондација Отворено општество.