ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО се разликува од самовработувањето – Какви вештини треба да има еден претприемач?| Интервју со Катерина Златановска – Попова
Со оглед на тоа што станува збор за интересна тема која е од големо значење, редакцијата на порталот Работник реши оваа недела да го објави и ова интервју. Во него, со Катерина Златановска – Попова, Советник за развој на кариера и тренер за меки вештини, разговаравме за претприемништво и претприемачки вештини.
- Што се подразбира под претприемачки вештини?
Да појаснам на самиот почеток што е претприемништво бидејќи не секогаш луѓето прават разлика помеѓу тоа што значи да се биде претприемач, и тоа да отворат дуќен и во него да се (само)вработат. Претприемништвото претставува иновирање, финансирање и реализирање на бизнис идеи што на пазарот никогаш не постоеле. Затоа, кога зборуваме за претприемачки вештини, би рекла дека тоа се исклучителни карактеристики кои не ги поседува секој, како што се: преземање ризик (тоа е број 1 одлика на претприемачите, не се плашат туку го гледаат како составен дел на успехот), упорност (да не се откажуваш ако не успееш од прва), преземање иницијатива (да не чекаш, туку да почнеш прв), донесување одлуки (да одлучуваш брзо и паметно), самодоверба (да веруваш во себе и во тоа што го работиш) и би додала уште креативност (да имаш идеи и да најдеш нови решенија) и флексибилност (да се прилагодуваш постојано на ситуацијата и условите)
- Кои меки, а кои тврди вештини треба да ги има еден млад човек за да биде претприемач?
Мислам дека клучните меки вештини кои треба да се развиваат од најмала возраст ги споменав погоре, и на тоа би додала креативно решавање на проблеми (ова буквално значи да се фокусираш на решенијата и можностите, а не на проблемот), што пак значи моќ да видиш потенцијал и прилика во работи кои за другите луѓе се „невидливи“. Во однос на т.н. тврди вештни би нагласила дека е неопходна основна финасиска писменост (да знаеш што е тоа бизнис план, прилив, одлив, трошоци, готовински тек, буџет и сл.) и секако дигитални вештини и познавање на дигитални алатки кои во денешното време се апсолутно неопходни.
- Како можат младите да се поттикнат да станат претприемачи?
Да им помогнеме да ја развиваат креативноста и желбата да испробуваат нешто ново и поинакво. Наместо однапред предвидени одговори, да ги поттикнуваме да бараат различни иновативни решенија и на крајот од се’ да им дадеме простор да пробаат. На пример, во училиште – нека направат мини маркет или онлајн продавница за еден ден. Знам дека кај нас има вакви иницијативи, и во рамките на предметот Претприемништво се спроведуваат различни активности. Важно е да има кој да ги поддржи – професор, ментор, и/или родител што верува во нив. На пример, во Финска, локалната зедница, бизнис заедницата, општината и средните училишта имаат посебен фонд наменет за млади претприемачи и учениците можат да подготват бизнис план, да ја презентираат својата идеја пред жири и да добијат финансирање за реално да ја стартуваат идејата и да го отопчнат бизнисот уште додека се во училиште. Тоа е најдобриот начин за учење, низ реално вистинско животно искуство. И уште би додала, задолжително да гледаат ТВ содржини од типот на Shark tank, неверојатно колку може да ги подготви една ваква емисија за презентирање на идејата пред потенцијални инвеститори!
- Постои ли нешто вродено што го има еден човек, некоја предиспозиција, која му дава поголема предност пред другите за да стане успешен претприемач или сѐ се учи?
Интересно прашање кое ме поттикна да направам мало истражување на оваа тема. Некои луѓе можеби имаат природни предиспозиции – родени се малку посамоуверени или креативни. Но, претприемач се станува – со учење, пробување, паѓање и станување. Студиите на кои наидов покажуваат дека претприемачкото размислување може да се учи и тренира, исто како спорт или музика. Образовните програми кои вклучуваат практични проекти, критичко размислување и работа на идеи имаат реален ефект врз младите. Според Harvard Business Review, успешните претприемачи често немаат некаква „вродена формула“, туку учат преку неуспеси, грешки и проби. Важни фактори се: поддршка од околината, можност за експериментирање и пристап до ментори. Иако не е директно насочено кон претприемништво, Гледвел (креаторот на правилото за 10.000 часа од книгата Outliers) тврди дека успехот не доаѓа од вроден талент, туку од упорна работа и вежба – околу 10.000 часа посветеност. Ова важи и за развој на претприемачки способности.
- Како советникот за кариера може да помогне да се стекнат овие вештини?
Во нашата работа користиме различни алатки преку кои можеме да му помогнеме на младиот човек да ја разреши дилемата „Да се биде или не претприемач“ анализирајќи ги предностите и недостатоците на претприемништвото. Клучната улога на кариерниот советник е во идентификување на силните страни, интереси и потенцијал на клиентот. „Што поседувам, а што треба да развијам“ е вежбата која би ја препорачала на секој млад човек соочен со дилемата за насоката во која размислува за себе и својата кариера. Во рамки на еден од проектите на кои работев, дури развивме и алатка за само проценка на претприемачките вештини како почетна точка за понатамошниот тек на советувањето и планирањето на акциските чекори. Преку индивидуална поддршка, младите добиваат помош при изработка на личен план за кариера и појасна слика за дополнителните обуки потребни за развој на вештините кои им се неопходни за да стасаат до посакуваната цел.

