ЕкономијаМакедонијаНовости

Просечната плата бележи намалување – реалните плати мора да растат за да се задржат работниците

   Време за читање 2 минути

Просечната нето плата во февруари 2024 година изнесувала 39,276 денари или 638 евра, објави денеска Државниот завод за статистика. За два месеци, таа е намалена за 722 денари.

Највисоки плати, како вообичаено, имаат програмерите и истите изнесуваат 93,852 денари, а најниски вработените во Производство на кожа и слични производи на кожа кои се за нешто помалку од 2,000 денари поголеми од минималната плата и изнесуваат 24,036 денари.

После програмерите, едни од највисоките плати ги земаат вработените во Воздухопловниот транспорт (68,356 денари) и Телекомуникации (65,134 денари). Тука некаде се и вработените во финансиските дејности. Оние кои работат во дејноста Финансиско – услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови земаат плата во износ од 55,926 денари.

Во Преработувачката индустрија која има 134,462 вработени и со тоа е дејност со најголем број на работници во приватниот сектор, каде што спаѓа и Текстилниот сектор, платите на работниците изнесуваат 34,036 денари, додека текстилните работници во просек земаат 35,106 денари.

Платите неминовно е да растат

Во последните години се води голема дискусија помеѓу синдикатите и работодавачите за растот на платите. И додека работна сила се намалува, едните велат дека прво мора да пораснат платите за да порасне продуктивноста, а другите го кажуваат обратното – прво продуктивноста па платите.

Минималната плата порасна на 22,500 денари, но таа сума е премногу мала за да се покријат месечните трошоци. Оние вработени кои земаат помали плати не можат да го преживеат месецот, па се решаваат или да работат дополнителна работа или да се иселат од Македонија.

Универзитетскиот професор Јован Пејковски за Вечер, рече дека компаниите мора да се соочат со реалноста дека за ниски плати нема веќе работници, па затоа тие мора да го одврзат кесето и да ги зголемат платите, но и на работниците да гледаат како на партнери.

„Треба да сфатат дека додатна вредност ја создаваат работниците и затоа треба да ги подобрат условите и да ги зголемат платите, зашто многу брзо можат да останат и без тие кои ги имаат. Овој проблем уште повеќе ќе се продлабочува, а трендот на заминување од државата ќе продолжи се додека не се подобрат условите за работа и не се зголемат платите“, рекол професорот за Вечер.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.