- Advertisement -
НовостиСветот на работникот

Работа од дома: Благослов или проклетство?

Работа од дома - Работник
397views

Истражувањата покажаа дека еден до два дена работа од дома се идеални, изјави Ханес Захер од Универзитетот во Лајпциг.

Утрински деловен состанок во пижами, јога во станот за време на ручек и повеќе време за семејството навечер: вистинските искуства на повеќето луѓе кои работат од дома за време на пандемијата со коронавирус малку наликуваат на оваа утопистичка и можеби донекаде клише визија.

По една и пол година од пандемијата со коронавирусот, студиите и анкетите покажаа различни форми на психолошки и физички последици од работата од далечина.

Едно е сосема јасно: работата од дома во различни делови на светот дополнително беше поттикната од пандемијата.

Бројот на починати и заразени можеби е намален оттогаш, особено таму каде што вакцинацијата на населението е поголема, но бројките се немилосрдни – стапката на зараза е сè уште многу висока и не сме се вратиле на состојбата пред пандемијата.

Чувство на изолираност помеѓу вработените

Досега спроведените истражувања укажуваат на бројни негативни последици од работењето од дома.

На пример студија на Мајкрософт (Microsoft), чии резултати беа објавени во списанието Нејчр хјуман бихејвор (Nature Human Behavior).

Технолошкиот гигант, кој ја нарача анализата, се префрли на работа од дома во март 2020 година.

Студијата анализирала податоци од работа од далечина и меѓусебната комуникација на речиси 61.000 вработени од декември 2019 до јули 2020 година.

Резултати: Иако луѓето станаа попродуктивни додека работеа од дома, комуникацијата и заедничката соработка меѓу различните оддели на компанијата истовремено страдаа.

Вработените поминуваа помалку време во директна комуникација еден на еден и наместо тоа почесто користеа електронска пошта или текстуални пораки.

Авторите на студијата заклучиле дека таквиот начин на комуникација неминовно резултира со чувство на изолација меѓу вработените, но и намалена размена на информации, што може негативно да влијае на производството и иновациите.

Видеоповикот е секогаш подобар од електронска пошта

За Ханес Захер, индустриски и организациски психолог на Универзитетот во Лајпциг, студијата покажува само една страна на проблемот.

„Иако анализата на Мајкрософт нуди прилично негативна перспектива, има и истражување кое покажува дека вработените можат позитивно да реагираат на можноста да работат од дома, но само доколку тоа се реализира во одредени рамки“.

Захер вели дека студиите покажале дека еден до два дена работа од дома неделно се идеални за работниците да бидат задоволни и продуктивни.

Во тој случај би можеле да се спојат два вида комуникација меѓу работниците – дигиталната, но во остатокот од неделата нивен директен разговор „лице в лице“.

„Од психолошка гледна точка, видео повик е сепак подобар од е-пошта. Сепак, долгорочно, тоа не може да го замени разговорот лице в лице, особено кога станува збор за разговор во кој се постигнуваат креативни решенија со заеднички напори или се решаваат меѓусебните несогласувања“.

На крајот на 2019 година, Захер започна истражување во кое вклучи речиси 1.000 работници.

Тој им постави низа прашања за физичкото и менталното здравје.

Екстровертите одеднаш се под поголем стрес

Поради пандемијата, неговата работа се претвори во долгорочна студија, па од март 2021 година почна да ги анкетира учесниците на месечно ниво.

Во овој период, психологот собра интересни согледувања за последиците од пандемијата на коронавирусот врз деловниот свет и светот на трудот.

„Пред пандемијата, екстровертите беа посреќни и се чувствуваа поудобно од интровертните работници“, рече Захер, додавајќи дека тоа во меѓувреме се променило.

„Поради новонастанатата ситуација, екстровертите одеднаш беа под поголем стрес, а интровертите многу поуспешно се справуваа со тоа.

Многу воздржани луѓе му рекоа дека формата на комуникација како видео повик им е попријатна од комуникацијата во живо.

Во исто време, Захер и колегите забележаа дека одредени тимови во една компанија се поделени во подгрупи повеќе од порано, со што набљудувањето се совпаѓа со еден од резултатите од студијата на Мајкрософт.

Проблемот на организациски силоси

Станува збор за претходно познатиот проблем на организациските силоси.
Тоа е термин кој означува недоволна или никаква соработка помеѓу различни организациски оддели.
Според претходното истражување на Американското здружение на менаџери (AMA), речиси 80 отсто од испитаниците забележале појава на организациски силоси во нивните компании.

Од нив, 90 отсто заклучиле дека оваа појава, крајно негативна за внатрешното функционирање на компанијата, придонесува за клановските борби за моќ меѓу различните сектори и нивните менаџери и лични конфликти, што резултира со недоволна соработка и лоши резултати на ниво на компанија.

„Можна пресвртница се појавува помеѓу вработените кои се физички присутни во канцеларијата и оние кои работат од дома“, објасни Захер.

Во овој случај, раководството би морало да гарантира дека работниците нема да се чувствуваат како да се третирани нееднакво.

За еднакви предиспозиции и можности

„Менаџерите во ситуации како оваа мора да разговараат за  потенцијалниот проблем и да оправдаат и објаснат зошто некои работат од дома, а некои не, за да не страдаат ниту вработените, ниту компаниите“.

Во сите дискусии за работа од далечина, не смееме да заборавиме дека работното место е многу важно, бидејќи „канцеларијата е место каде што сите вработени имаат исти предиспозиции и можности“, вели Захер.

Спротивно на тоа, во случај на работа од дома, видливи се различни социо-економски фактори.

На пример, двојките без деца во голем стан сигурно ќе работат многу поефикасно од далечина отколку самохраните родители или помладите вработени кои живеат во помали простори или во заеднички станови со еден или повеќе цимери“.

Нејчр хјуман бихејвор (Nature Human Behavior)