Работи кои е подобро е да ги премолчите кога ќе дадете отказ

Иако понекогаш одлучуваме да си дадеме отказ со „вжештена глава“ и многу работи кои сакаме да ги кажеме, најчесто негативни, важно е да водиме сметка и за нашата самоконтрола

Ако ја мразите својата работа, шефот и токсичната работна култура, имајте на ум дека не сте единствените. Никој не треба да биде принуден да живее и работи во токсична работна средина со насилни или лоши шефови. Сепак, сочните трачеви задржете ги за себе. Еве како професионално да напишете писмо за оставка и достоинствено да си заминете од компанијата.

Сметајте го писмото за оставка за официјален документ, без сочни детали. Ваквиот документ треба да содржи изјава дека го напуштате работното место, датумот на последниот работен ден, односно отказен рок, благодарност за можноста и вашиот потпис.

1. Не вклучувајте никаква негативност

Сметајте го ова конкретно писмо како формално решавање на прекинување на вашиот работен однос. Вклучете детали како што се: дали имате намера да го испочитувате вашиот отказен рок и дали сте спремни да останете таму и да ја обучите вашата замена или веднаш ќе ја напуштите работата. Не навлегувајте во детали зошто ја мразите вашата работа, колку сте среќни што ќе заминете и како се надевате дека ќе имате ужасна фискална година без вас.

2. Не наведувајте причини зошто ја мразевте вашата работа

Можеби мислите дека му помагате на следниот вработен со тоа што во вашето отказно писмо ќе ги забележите различните прекршоци што вашиот претпоставен ги направил врз вас. Писмото за оставка можеби го сметате за соодветно место за да се исправат некои грешки и да се подобри ситуацијата за вашиот наследник. Ако имате вистински поплаки кои не можат да се игнорираат, можете сериозно да се позанимавате со ова. Побарајте излезно интервју со одделот за човечки ресурси или со менаџер на повисоко ниво од вашиот надреден и изразете ја вашата загриженост.

Ако причините поради кои ја мразевте вашата работа се работи како „Еден колега џвакаше премногу гласно“ или „Една колешка секогаш печеше риба на ручек во микробранова печка“, подобро е да ги заборавите и достоинствено да си заминете.

3. Не наведувајте ги причините поради кои сте го мразеле вашиот шеф или колега

Кој знае? Можеби ќе ви треба препорака од овие луѓе во иднина. Оставете ја работата без лоши чувства кон поранешниот шеф и колегите – за секој случај.

Ако колега, менаџер или директор непрофесионално или навредливо се одненсувал кон вас, разгледајте го ова прашање со некој од HR секторот на излезното интервју.

4. Не откривајте тајни или детали за други соработници

Значи, знаеме дека колешката од сметководство е вашиот најголем непријател и знаеме дека мислите дека не и оди со бројки. Знаеме дека еден колега од канцеларијата многу се опијанил на новогодишната забава и сигурни сте дека истурал шампањ во принтерот. Но, отказното писмо не е место за повикување на секоја неправда или престап на колегите.

5. Не споделувајте детални информации за вашата нова работа

Вашата нова работа е одлична и сте многу горди што ја добивте. Можеби ќе имате поголеми бенефиции, подобра плата и посветла иднина. Вашиот работодавач кој наскоро ќе стане поранешен можеби не е запознаен со овие детали. Не го користете отказното писмо за да создадете љубомора меѓу поранешните соработници.

Како прво, нема да успеете. Второ, може да влезете во непријатни ситуации со откривање на условите од вашиот нов договор. Ако напуштате супер токсичната средина, никогаш не знаете што би можело да направи поранешното раководство за да ја уништи вашата нова можност. Молчете за вашата следна работна можност поради една причина: таа не се однесува на никој друг освен вас.

6. Не користете несоодветен или заканувачки говор

Тоа значи – без закани и без изјави дека компанијата ќе зажали уште на денот кога ќе ве пушти да си одите. Ова писмо веројатно ќе влезе во досие за вработување што може да ве прогонува низ вашата кариера. Исто така, сите знаете дека ваквите мејлови можат да станат и вирални, не правете си го тоа. Исто така, сигурно не сакате да го поминете вашиот преоден период знаејќи дека сте го почестиле вашиот поранешен шеф со одредени зборови. Дозволете си непречена транзиција размислувајќи за себе.

Без разлика каква работна средина напуштате, направете го тоа со целото свое достоинство и без никој да може да каже било што негативно за вас. Бидете професионални во текот на целиот процес на давање отказ и напуштање на компанијата.