Работниците да се охрабрат прекршувањата на работничките права да ги пријавуваат во ДИТ
Пријава до трудовиот инспекторат
Во некој од нашите претходни објави споменавме колку е важно работниците да си ги знаат своите работнички права и секој пат кога се во ситуација истите да им бидат прекршени треба да се охрабат таквите прекршувања да ги пријавуваат до трудовиот инспекторат.
Државниот инспекторат за труд е уреден со Законот за инспекција на трудот и истиот претставува орган коj согласно законот врши инспекциски надзор над примената на законите и другите прописи за работни односи, вработувањето и заштитата при работа, како и на колективните договори, договорите за работа и другите акти, со кои се уредуваат и остваруваат правата, обврските и одговорностите на работниците и работодавачите во областа на работните односи, вработувањето и заштитата при работа, како и инспекциски надзор над вршењето на нерегистрираната дејност.
Додека инспекторот го извршува инспекцискиот надзор, тој е овластен, во секое време на денот и ноќта, да може да влезе во просториите на работодавецот, без претходно најавување и без оглед на работното време на работодавачот. Работодавачот од друга страна е должен, да му овозможи непречено вршење на надзорот и на барање на инспекторот да му даде односно да му достави сите списи, акти, информации и други податоци, потребни за вршење на инспекцискиот надзор.
Инспекторот согласно закон е должен да го земе во постапка секое барање на работникот заради остварување, односно заштита на правата од работниот однос и заштита при работа. Работникот ова барање може да го поднесе писмено или да го изјави усмено пред самиот инспектор, кој е должен, на подносителот на барањето, да му достави писмено известување за утврдената состојба.
Токму затоа на веб страницата на Државен инспекторат за труд постои анонимен формулар каде секој работник кој смета дека одредени права му се прекршени може да го пополни во електронска форма анонимно и да го испрати до трудовиот инспекторат, по кој инспекторатот подоцна е должен да постапи. Линк во прилог: https://dit.gov.mk/?page_id=202
Тимот на Јуридика

