Промена на кариера со стил: Поранешниот претседател на Словенија станал ѕвезда на модна кампања (ФОТО)
По три децении поминати во самиот врв на словенечката политика, поранешниот претседател и премиер на Словенија, Борут Пахор (62), направил целосен пресврт во својата кариера и преминал во приватниот сектор. Неговиот професионлен пат сега опфаќа потполно поинакви сфери, од мода и естрада, до меѓународно советување и академска работа.
Влегување во светот на модата
Еден од највпечатливите чекори во неговата кариера е ангажманот во модната индустрија, каде станал заштитно лице на дигиталните кампањи на компанијата „Asnwear“.
Иако ова за многумина бил неочекуван потег за еден државник, Пахор истакнува дека светот на моделингот не му е непознат бидејќи со таа работа се бавел во текот на студентските денови, а модата ја засакал уште во детството благодарение на неговата мајка која била кројачка. Покрај модниот ангажман, Пахор станал и член на жирито во телевизиската емисија „Словенија има талент“, што го опишува како подарок од небо за еден инфлуенсер и одличен спој на работата и забавата.
Дигитален маркетинг и „Pahor Media Team“
Неговата транзиција е внимателно осмислена преку дигиталното присуство. Уште пред десeт години, Пахор започнал посериозно да ги користи социјалните мрежи и покрај предрасудите на јавноста, што во 2017 година му ја донело титулата „крал на Инстаграм“ од страна на американскиот портал Политико.
Кога одлучил да ги монетизира своите социјални мрежи, наишoл на критики, но не им обрнувал внимание. Денес во водењето на нови проекти има поддршка од сопствениот продукциски тим „Pahor Media Team“, кој го сочинуваат осум млади студенти од различни професии (од програмирање до право), со што ги осигурува креативноста и професионалноста во својата нова работа.
Бизнис, образование и меѓународно советување
Пахор потврдил дека апсолутно и дефинитивно се простил од политиката. Неговото денешно професионално портфолио е исклучително богатo и разнолико:
Се бави со меѓународно советување и говорење, и е член nа угледната агенција London Speaker Bureau. Води едно одделение на Новиот универзитет во Љубљана. Основач и директор е на Институтот Пријатели на Западен Балкан и активно се бави со огласување.
Иако има работа „преку глава“, тој истакнува дека не жали бидејќи денеска го живее она што го сакал, уживајќи во својата работа во приватниот сектор. Неговиот главен и долгорочен план во новата животна фаза е едноставен – сака да биде среќен.
Извор: Blic Biznis/Gloria.hr

