ПравдаСветот на работникот

Работничката класа во време на пандемија

Работничката класа - Работник
60views

Реалните трошоци за работничката класа во време на пандемија

Луѓето од работничката класа не можат да си дозволат доброволно да се стават во карантин. Дури и ако имаат симптоми. Тие ќе продолжат да одат на работа. Тие го мораат тоа, за да можат економски да преживеат.

Да разгледаме типично сценарио во Соединетите Држави: таму има буквално десетици милиони работници кои немаат повеќе од 400 долари за итни случаи. Дури половина од работната сила од 165 милиони. Тие живеат од плата до плата. Тие не можат да си дозволат да пропуштат ниту еден работен ден. Милиони од нив немаат платено боледување. Соединетите Држави се најлоши од сите развиени капиталистички економии во однос на обезбедувањето платено боледување. Дури и работниците кои се членови на синдикати со неколку платени боледувања во нивните договори, во најдобар случај, имаат само шест дена во просек. Ако останат болни дома, нивниот работодавец ќе ги праша за причината за отсуството од работа, за да им го земат платеното боледување. Па дури и кога немаат боледување. Платено отсуство или не, од многу работници ќе се бара да достават лекарски доказ што укажува на природата на болеста. Но, лекарите одбиваат да одржуваат приеми на пациенти кои можат да имаат вирус. Тие не можат да сторат ништо во врска со тоа, па затоа не сакаат работниците со симптоми да влезат и евентуално да контаминираат други или самите нив. Значи, болен работник мора да оди во болница само за итни случаи.

Тоа покренува уште еден проблем. Доаѓањето до собата за итни случаи во просек чини најмалку 1000 долари. Тоа ќе чини повеќе ако се направат специјални тестови. Ако работникот нема здравствено осигурување (30 милиони работници сè уште немаат), тоа е трошок од џеб што работникот или работничката не може да си го дозволи. Тие го знаат тоа. Така, тие не одат во болница за итни случаи и не можат да закажат состанок во ординацијата на лекарот. Резултат: тие не се тестираат, одбиваат да се тестираат и продолжуваат да одат на работа. Вирусот се шири.

Дури и ако имаат покритие за здравствено осигурување, се одбиваат од 500 до 2000 долари. Повеќето работници немаат таков вид заштеда за трошење. Да не ги спомнуваме кофинансирањата. Значи, дури и осигурените работници не одат во болница за да се тестираат, дури и ако имаат симптоми.

Потоа, тука има и дополнителна компликација во врска со вработувањето ако работниците заминат во болница. Болницата ќе ги тестира. Ако биде откриено дека се заразени, ќе ги испратат дома на доброволен карантин од 14 дена! Дури сега финансиските кризи навистина почнуваат. Болницата ќе го извести нивниот работодавец. Останувањето дома 14 дена ќе резултира со финансиска катастрофа, бидејќи работодавачот нема обврска да продолжи да им ги исплаќа нивните дневници додека не се на работа, освен ако немаат минимално платено боледување, кое, како што е наведено, огромното мнозинство го нема. Ниту работодавачот има законска обврска да ги задржи во работен однос 14 дена (или дури уште помалку) ако работодавачот утврди дека нема да се вратат на работа по 14 дена (или уште помалку). Затоа, работниците добиваат откази доколку одат во болница откако таа ќе пријави кај работодавачот дека тие имаат вирус. Само уште една добра причина работниците да не одат во болница.

Со други зборови, ова се главните економски демотивации кои ги принудуваат работниците со симптоми да ја чуваат болеста во тајност, да продолжат да одат на работа, да не одат во болница (и да не одат на лекар). Сето тоа создава ризик од пренесување на многу заразниот вирус на други – што практично и се случуваше и ќе се случува.

Еве уште еден финансиски удар за работничката класа: грижата за своите деца. Училиштата почнуваат да се затвораат. Дури и кога сè уште нема потврдено случаи. Универзитетите одлучуваат да ги прекинат сите на часови и да се вратат на целосно образование преку Интернет. Но, што е со децата на предучилишна возраст? Или дури и учениците од средните училишта? Кога ќе се затворат, децата ќе мора да останат дома. Но, повеќето родители од работничката класа не можат да си дозволат дадилки за своите деца. Не секој има професија или работи во компанија што им овозможува „работа од дома“. Дали работничките родители ги испраќаат своите деца кај баба и дедо, кои се уште повеќе подложни на вирусот? Со своите деца кои треба да останат дома, работничките родители мора да пропуштат работа и да ризикуваат дури и да останат без работа. Зборуваме за милиони семејства со деца од 6 до 12 години. И, којзнае колку долго училиштата ќе останат затворени.

Накратко, платите изгубени како резултат на самоизолација, присилно доброволно ставање под карантин после тестирање во болница, трошоци за приеми во болнички соби за итни случаи (без разлика дали работниците се осигурени или не), непозната цена на самите тестови (владата вели дека ќе ги надомести, но работниците немаат 1000 или дури повеќе долари да платат од свој џеб на лице место), трошоците за плаќање дадилки за своите мали деца кога училиштата се затвораат – т.е. сето ова резултира со огромен трошок од џеб за повеќето работници – пари што тие ги немаат.

Работниците многу брзо ги сфаќаат сите овие веројатности за финансиска катастрофа и знаат дека вирусот ќе значи голем финансиски удар ако пропуштат секој ден да одат на работа, па дури и ако не одат воопшто. Така, тие продолжуваат да работат, надевајќи се дека ќе се опорават сами по себе, одбиваат да бидат тестирани поради можната загуба на работа, плати и приходи и се надеваат да не ги затворат училиштата на своите деца.

Одговор на политиката на Соединетите Држави: Нема помош за работничката класа

Политиката на Соединетите Држави беше, е и ќе продолжи да биде катастрофа. Намалувањето од страна на владата на Трамп за здравствените и социјалните услуги во минатото сериозно го попречуваше директен одговор на Соединетите Држави. Тестовите требаше да бидат испратени во Атланта и Центарот за контрола и превенција на зарази на анализа. Опремата за рано тестирање честопати не успеваше. Дури сега стигнуваат во државите што е доцна за да имаат позитивно директно влијание врз ширењето на заразата. Оние кои се осомничени за изложеност на други потврдени заразени лица, едноставно беа испраќани дома на „доброволен карантин“. Првичното законодавство од 8,3 милијарди долари што го донесе Конгресот предвидува „надоместок“ за доброволно тестирање, без појаснување дали тоа ја покрива и посетата од 1000 долари во болница или само трошоците за тестот! Меѓутоа, може да има одговор од страна на владата кој финансиски ќе ги поддржува работниците и ќе им овозможува соодветно тестирање и лекување.

Алтернативен одговор на пандемијата

Зошто владата едноставно не им каже на работниците „одете тестирајте се бесплатно“, а болниците ќе ѝ наплати на владата за трошоците? Не работникот да плаќа однапред со пари од личен џеб а кои веројатно ги нема. Зошто не постои закон за итни случаи од страна на Конгресот или сојузните држави да бараат од работодавачите да им обезбедат на своите работници најмалку 14 дена платено боледување, како во другите земји? А закон што ќе гарантира дека работодавачите нема да можат да отпуштат работници болни од вирус од која било причина? Или ваучери за работнички семејства со кои ќе го покријат целосниот трошок за грижа на своите деца – платени на дадилки – ако треба да останат дома во случај на затворање на училиштата?

Иако намалувањето на даноците за капиталистите скоро сигурно ќе биде официјален одговор на владата, малку од горенаведените мерки за работничката класа веројатно ќе бидат преземени. Во Америка, луѓето од работничката класа секогаш го добиваат подебелиот крај на економскиот стап. Конгресот и претседателите – финансирани од американската буржоазија – изгласуваат законодавство од трилиони долари за намалување на даноците (15 трилиони долари од 2001 година за инвеститори, бизниси и елитните 1%), но ги зголемија даноците за работничката класа. Компаниите со милијарди долари годишен профит не плаќаат ништо данок и всушност добиваат субвенции од владата за да растат уште повеќе. Прашајте ги само Амазон, IBM, многу големи банки, фармацевтски компании и многу други корпорации!

Социјалистички план за справување со пандемијата

Како дел од глобалната дебата за тоа како да се разбере оваа криза и како да се оди напред, Меѓународното собрание на народите и Триконтинентал: Институт за социјални истражувања развија план од 16 точки: „Во светло на глобалната пандемија, фокусирајте го вниманието на луѓето“. Овој план произлегува од дискусија со политичките движења на секој континент на планетата.

1. Итна суспензија на сите работни места, освен основниот медицински и логистички персонал и оние што се потребни за производство и дистрибуција на храна и основни продукти, без никаква загуба на платите. Државата мора да ги преземе трошоците за платите за периодот на карантин.

2. Јавното здравје, снабдувањето со храна и јавната безбедност мора да се одржуваат на организиран начин. Залихите на житарици за итни потреби мора веднаш да се ослободат за дистрибуција меѓу сиромашните.

3. Училиштата мора да бидат суспендирани.

4. Непосредна социјализација (поопштествување) на болниците и медицинските центри за да не лекуваат со мотивот за профит додека се одвива кризата. Овие медицински центри мора да бидат под контрола на здравствената кампања на владата.

5. Непосредна национализација на фармацевтските компании и непосредна меѓународна соработка меѓу нив за пронаоѓање вакцина и опрема за полесно тестирање. Укинување на интелектуалната сопственост во медицинската област.

6. Непосредно тестирање на сите луѓе. Непосредна мобилизација на тестови и поддршка за медицинскиот персонал кој се наоѓа на фронтот на оваа пандемија.

7. Непосредно забрзување на производството за материјали неопходни за справување со кризата (уреди за тестирање, маски, респиратори).

8. Итно затворање на глобалните финансиски пазари.

9. Итно собирање на финансии за да се спречи банкрот на владите.

10. Итно поништување на сите долгови за членови од работничката класа.

11. Непосредно стопирање на сите плаќања за ќирија и хипотека, како и стопирање на иселувањата; ова вклучува непосредно обезбедување на соодветно домување како основно човеково право. Пристојното домување мора да биде право за сите граѓани загарантирано од државата.

12. Непосредна апсорпција на сите комунални плаќања од страна на државата – вода, електрична енергија и интернет обезбедени како дел од човеково право; каде што овие комунални услуги не се универзално достапни, ние социјалистите повикуваме да им се обезбеди непосреден ефект.

13. Непосредно стопирање на едностраните, криминални санкции и економските блокади кои влијаат на земјите како Куба, Иран и Венецуела и ги спречуваат да увезуваат неопходен медицински материјал.

14. Итна поддршка за селанството за зголемување на производството на здрава храна и нејзино снабдување до владата за директна дистрибуција меѓу урбаното работничко население.

15. Суспензија на доларот како меѓународна валута и барање до Обединетите нации итно да свикаат нова меѓународна конференција за предлагање на заедничка меѓународна валута.

16. Обезбедување на универзален минимален доход во секоја земја. Ова овозможува да се гарантира поддршка од државата за милиони семејства кои се без работа, кои работат во крајно несигурни услови или се самовработени. Сегашниот капиталистички систем исклучува милиони луѓе од формалните работни места. Државата треба да обезбеди вработување и достоинствен живот за населението. Трошокот за универзалниот основен доход може да биде покриена од буџетите за одбрана, особено трошоците за оружје и муниција.

Кризата навистина го потресе системот. Нема сомневање во тоа. Последица на неуспехот на политиките на штедење и кратење е дека идеите што беа незамисливи пред само неколку месеци – како што се национализацијата на болниците и обезбедувањето на значителна доходовна поддршка за невработените работници – се на дневен ред. Полесно е да се замисли социјализам среде пандемијата на коронавирус, отколку да се продолжи да се живее под бездушниот режим на капитализмот на Aјн Ренд.

Резервна армија – пандемиско издание

Знаете дека работите се лоши – и ќе се влошат – кога мејнстрим весник како „Вашингтон пост“ се повикува на Маркс: „Она што Карл Маркс некогаш го нарекуваше „резервна армија на невработени“, веројатно ќе го контролира растот на платите, додека закрепнувањето се подобрува постепено.“

Маркс се осврна на „индустриската резервна армија“ или „релативно вишок население“ во поглавје 23 од том 1 на „Капиталот“, стр. 558, кои тој ги сметаше и двете како резултат, така и услов за раст на капитализмот:

„Карактеристичниот тек на животот на модерната индустрија, ја претпоставува формата на десетгодишен циклус со мали колебања на период на средно оживнување, на производство под висок напон, на криза и стагнација што почива врз постојаното образување, врз поголемо или помало апсорбирање и врз повторно образување на индустриската резервна армија, или на пренаселеноста. Сменувањето на индустрискиот циклус, од своја страна, ја наголемува пренаселеноста и станува еден од факторите за нејзино најенергично препроизводство.“

Особено, постоењето на резервна армија служи за дисциплинирање на трудот, држејќи ги неговите барања за повисоки плати под контрола, бидејќи вработените работници се принудени да се натпреваруваат со невработените а невработените работници за достапните работни места.

И, како што е јасно од графиконот, резервната армија ја одигра својата улога: од 2000 година, индексот на трудовиот удел во националниот доход во САД (сината линија, за 2007 година еднаков на 100) падна од 108,2 на 96,7. Покрај тоа, црвената линија не само што покажува незначителен пад од крајот на векот, туку и многу мало придвижување за време на таканареченото закрепнување од Втората голема депресија.

И тоа е кога стапката на невработеност падна за 3,5 проценти (во февруари 2020). Сега таа вртоглаво порасна – до 14,7 проценти според официјалната стапка и најмалку 24,9 проценти според пресметките на некои економисти. Десетиците милиони нови отпуштања од пандемискиот карантин јасно ги зголемија редовите на резервната армија, како и ново осиромашените работници кои се обидуваат да се регистрираат за надомест во случај на невработеност и да чекаат во редици надвор од банките за храна, во САД.

Не знаеме сè уште колку навистина ќе се зголеми резервната армија, што ќе зависи и од новите вработувања (бидејќи некои фирми продолжуваат да работат, па дури и се шират или се обидуваат повторно да се отворат, за да се вратат на остварување профит) и новите отпуштања (како што други фирми банкротираат, или никогаш повеќе не се отвораат или присвоени од други фирми што преживеале).

Според неодамнешното истражување на Хозе Марија Бареро, Ник Блум и Стивен Џ. Дејвис, шокот од COVID-19 предизвика 3 нови вработувања на секои 10 отпуштања. Сепак, тие, исто така, проценуваат, врз основа на докази од истражувањето и историски докази за тоа како отпуштањата се однесуваат на отповикувањата, дека 42 проценти од неодамнешните отпуштања предизвикани од пандемијата ќе резултираат со трајно губење на работното место.

Она што ова значи е дека резервната армија на невработени и недоволно ангажирани работници ќе продолжи да се зголемува во наредните месеци. Како резултат на тоа, очекувам трендот на уделот на трудот, кој веќе започна да паѓа пред пандемијата, да продолжи да опаѓа.

Начинот на којшто е конфигурирана американската економија, приватните работодавци ќе започнат да ангажираат работници и да ја намалуваат резервната армија кога тоа е профитабилно. И работниците ќе бидат во милост и немилост на тие одлуки и, како резултат на тоа, тие ќе продолжат да губат на кумулативно ниво од нивниот спротивен број, корпорациите што самите ги контролираат одлуките за вработувања.

Како што Маркс напиша (стр.568-69): „Може да се разбере глупоста на економската мудрост што им проповеда на работниците да го натокмат својот број според потребите на оплодувањето на капиталот. Како механизмот на капиталистичкото производство и акумулацијата да не го дотерува постојано овој број според своите потреби за оплодување. Првиот збор на ова натокмување е создавањето една релативна пренаселеност или индустриска резервна армија, а последниот збор – беда за сè поголеми слоеви од активната работничка армија и мртвиот баласт на пауперизмот.“

Тоа би се променило во Соединетите Држави денес само доколку економијата се трансформира, на пример, со владина програма за вработување (каква што Соединетите Држави спроведоа за време на првата Голема депресија, со Менаџментот за јавна индустриска конструкција) или со допуштање на работниците да имаат право на збор при одлуки за вработување (или со заземање места во управните одбори на постојните корпорации или со проширување на бројот на претпријатија во сопственост на работниците). Само со такви промени, резервната армија би се апсорбирала, редовите на ново осиромашените се намалуваат и трендот на уделот на трудот во националниот доход менува правец и почнува да расте.

Извор: Народен пријател