Работничка рекапитулација на 2020 година

2020 година беше една од најлошите години за работничката класа во Македонија и тоа е факт којшто ниедна Влада не може да го побие. Зошто тоа е така? Бидејќи преку 40,000 работници досега се отпуштени од своите работни места, ова го кажуваат податоците на Агенцијата за вработување. Кога ќе се земат во предвид и оние коишто работат во сивата економија, бројката на отпуштени работници сигурно би била многу поголема.

Во 2020 година, коронавирусот беше најголем предизвик за сите, а од него не беа поштедени ни работниците во приватниот, а и во јавниот сектор. Уредбите на Владата на почетокот на корона кризата предизвикаа незадоволство кај работниците, па како резултат на тоа незадоволство имаше и протести. Избрзано на работа се вратија и хронично болните, без притоа да се направи никаква проценка на ризикот од зараза на работните места.

Погодени беа и работниците од текстилниот сектор во Штип, каде што вирусот демнеше поради тоа што не се почитуваа мерките за заштита од Ковид – 19 од страна на работодавачите. Бевме сведоци на тоа дека работниците беа на „купче“ превезувани во еден автобус до работа, по што тоа предизвика бура на реакции во јавноста кои воедно помогнаа работодавачите да сфатат дека треба да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид – 19. Ситуацијата постепено се смири во Штип.

Голем број на здравствени работници беа заразени од вирусот, а дел од нив и заминуваа во приватните болници, не можејќи да се изборат во јавното здравство, поради тоа што таму условите за работа со години на назад не се подобрени.

Едни од најпогодените сектори беа туристичко – угостителскиот и транспортниот сектор. Поради мерките транспортерите на патници мораа да го намалт бројот на патници, а со тоа ги намалија и линиите, додека оние коишто вршат превоз на стока надвор од државата, беа приндудени да прекинат со работа, бидејќи беа затворени границите.  Владата прво ги затвори угостителите, а потоа им го намали и работното време, по што угостителите беа принудени да отпуштаат вработени. Владата досега овозможи четири пакети сет мерки, но од страна на бизнис секторот постојано пристигнуваа критики на адреса на Владата за истите, во насока на тоа дека не се доволни за да можат да помогнат на приватниот сектор. Една од мерките на Владата беше и финансиска поддршка со минимална плата од 14,500 денари која, за жал, голем број на газди ја злоупотребија и не ги исплатија платите на своите вработени. Сепак, добро е што Управата за јавни приходи изврши присилна наплата, како и тоа што Владата јавно ги обелодени компаниите кои ја злоупотребиле државната помош, па со тоа ги принудија да ги исплатат платите на вработените.

Според бизнис секторот една од најдобрите мерки е токму поддршката со минимална плата која во четвриот пакет мерки се доделуваше скалесто, односно според тоа колку компанијата е погодена од ковид кризата, па така помошта се движеше од 14,500 до 21,778 денари. Според Владата, преку пакет мерките спасени се 100,000 работни места, но тоа ќе се види дали е така по завршувањето на кризата.

Што се однесува до работничките права, нивното кршење продолжи и во 2020 година и тоа помасовно, бидејќи речиси сите беа фокусирани кон Ковид кризата. Мислам дека доволно е да се запрашаат синдикатите или невладините организации коишто се од областа на работничките права, е доволно за да се воспостави една слика за тоа колку се прекршени работничките права во изминатата година.

Се надевам дека 2021 година ќе биде подобра за работниците и дека конечно ќе дојде денот кога газдите ќе станат работодавачи и ќе ги почитуваат работничките права

Бобан Илијевски

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник