ЕкономијаМакедонијаНовости

Работоспособно население кое ќе ги финансира пензиите, главен предизвик во иднина

   Време за читање 3 минути

Исплатата на пензиите претставува сериозен предизвик имајќи го предвид буџетскиот дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигирување којшто во моментот изнесува над 600 милиони евра, како и трендот на зголемување на бројот на пензионери. Во државава има над 330.000 пензионери, а анализите покажуваат дека сегашните вработени ги финансираат сегашните пензионери, односно придонесите што по однос на пензиско и инвалдиско осигурување се собираат од еден и пол вработен се доволни за да се исплати една пензија.

Според експертите што ги консултираше МИА, властите мора да преземат мерки со кои ќе се намали дефицитот во Фондот на ПИОМ, како што се зголемување на стапката на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, зголемување на платите, да се престане со праксата за ослободување на фирми од плаќање на придонеси, како и да се избегнуваат ад хок решенија поврзани со зголемување на пензиите.

Финансирањето на Фондот за пензиско и инвалидско осигирување (ПИОМ) се врши по два основа – од придонеси и трансфери од Буџетот. Со реформата спроведена во 2019 и 2020 година придонесите годишно се зголемија за 0,4 проценти, односно од 18 проценти скокнаа на 18,8 проценти со што процентот на средства што доаѓаа од Буџетот се намали на 32,3 проценти.

Бројот на пензионери расте побргу од бројот на вработени

Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за МИА вели дека Фондот на ПИОМ ќе мора да се финансира со пари од централниот буџет уште долго време затоа што постојат структурни причини за тоа, но она што може да се направи е да се намали таа „дупка“, за тие пари што сега се даваат од централниот буџет за оваа цел, да се искористат за други работи како градење болници или други важни инфраструктурни проекти.

– Постојат многу заблуди во јавноста околу пензискиот фонд. Да, тој има „дупка“ од околу 600 милиони евра – приходите на Фондот се околу 1.2 милијарди евра, додека расходите се околу 1,8 милијарди евра, и таа разлика од 600 милиони евра се покрива со трансфер од централниот буџет. Но Фондот нема да пропадне, државата секогаш ќе може да најде пари од други извори за да ги исплаќа пензиите. Но од друга страна, „дупката“ нема ни да исчезне преку ноќ, Фондот ќе мора да се финансира со пари од централниот буџет уште долго време, затоа што постојат структурни причини за тоа, нагласува Јовановиќ во изјава за МИА.

Повеќе на ЗУМ