ПравдаСветот на работникот

Рахиќ: Затвроските полицајци се заштитени, во тек и постапката за набавка на специјални заштитни одела

   Време за читање 2 минути

Сите вработени во КПУ Затвор – Скопје имаат заштитни маски, ракавици и облека, достапни се и средства за дезинфекција, кои се обезбедени од сопствени средства, а дел од нив и како донации од фирми подготвени за соработка, а во тек е и постапка за набавка на специјални заштитни одела, вели за порталот Работник, директорот на КПУ Затвор – Скопје, Есад Рахиќ.

Тој истакна дека секојдневно се врши дообука на вработените за постапување со евентуално заболени лица од корона вирус, а воедно се подготвуваат и неколку простории каде би биле сместени евентуално заболени лица.

„Во однос на прашањето дали ќе се носат заболени лица од корона вирус во КПУ Затвор – Скопје, ние како установа подговени сме да одговориме на вакви предизвици, и воедно упатуваме и апел и препорака преку Вас како медиуми до одредени судии, да има одложување на извршување на казните затвор со кус рок, како и замена на мерката притвор со алтернативна мерка, заради ограничени сместувачки капацитети, а се со цел заштита на здравјето и безбедноста на вработените, како и на самите осудени и притворени лица“, вели Рахиќ.

Тој посочи дека тој како директор на установата, ги следи и се придржува на препораките од Европскиот Комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Истакна дека преземени се мерки согласно нивните насоки и препораки, во однос на професионална поддршка, здравствена заштита, заштита на безбедноста на лицата лишени од слобода во услови на пандемија на корона вирусот.

„Преземени се сите мерки и активности согласно можностите и условите во КПУ Затвор – Скопје, отворени сме и подготвени за соработка со сите институции согласно препораките на Владата на РСМ“, рече Рахиќ.