Вести

Од родното Скопје до Ватикан: 116 години од раѓањето на Мајка Тереза

Денеска се одбележуваат 116 години од раѓањето на Мајка Тереза, родена како Агнеса Гонџа Бојаџиу. По тој повод, владина делегација предводена од првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали ќе положи цвеќе пред спомен-плочата на местото на нејзината родна куќа во центарот на Скопје.

Централниот настан ќе се одржи во Музејот на современата уметност, а ќе присуствува и премиерот на Косово, Албин Курти.

Мајка Тереза е родена на 26 август 1910 година на тогашната улица Поп Кочина број 14, на местото каде што денес се наоѓа плоштадот Македонија. Таа била најмладото дете во семејството и имала сестра Ага и брат Лазар.

На 12-годишна возраст почувствувала повик да му го посвети животот на Бога, а шест години подоцна го напуштила Скопје и заминала за Даблин, Ирска.

Во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир за нејзината хуманитарна работа и помошта што им ја давала на сиромашните, болните и најранливите.

Мајка Тереза починала во Колката на 5 септември 1997 година. Во 2003 година папата Јован Павле Втори ја прогласил за блажена, а во 2015 година Ватикан го признал и второто чудо поврзано со неа.

На 4 септември 2016 година, папата Франциско ја канонизирал Мајка Тереза на свечена церемонија на плоштадот Свети Петар во Ватикан.