Колумни

Револтот на работниците во однос на исплатата на боледувањето поврзано со Ковид е сосема оправдан

Бобан Илијевски - Работник
554views

Бурните реакции на работниците поради тоа што за боледување поврзано со коронавирусот ќе земаат надоместок согласно Закон и Колективен договор кој за отсуство до 7 дена ќе изнесува 70 % од платата, за отсуство од 15 дена – 80 % и за отсуство над 15 дена – 90 %, се  навистина оправдани. Сите тие заслужуваат да земат целосна плата додека се на боледување, бидејќи не се по свој избор туку поради тоа што или се заразени од вирусот или пак се во изолација поради тоа што имале контакт со заболен.

Јас имам личен пример во моето семејство. Мој роднина се зарази на работното место и тоа реално е грешка на самата компанија бидејќи нема направено проценка на ризик од зараза со коронавирусот, па и поради тоа тој се рашири во самиот погон. Прашање е на време кога таа компанија ќе се затвори, за да се прекине ланецот на заразени.

Во Општиот колективен договор за јавниот сектор стои дека во случај на професионално заболување на вработениот му се исплаќа 100% од платата, но за жал Ковид -19 не е прогласено со професионално заболување иако и тоа како би требало да биде, бидејќи голем број на работници којшто не беа во директен контакт со него се заболеа од истиот на работните места. Уште од самиот почеток на пандемијата некои од синдикатите укажуваа дека е потребно да се додаде вирусот на листата на професионални заболувања, но поради, за мене лично, непознати причини тоа не се случи.

Околу Одлуката на Владата за боледувањето имаше и обвиненија помеѓу синдикати и здруженија, односно граѓански организации. Во овие тешки моменти обвиненијата се нешто што најмалку ни треба. Потребно е да се покаже солидарност и заеднички низ разговори да се излезе јавно со став дека работниците кои се заразени од Ковид – 19 или пак кои се во изолација треба да земат 100 % од платата додека се на боледување. Меѓусебните обвинувања нема да придонесат работниците да изберат на кого да веруваат или на кого да не му веруваат, туку тоа уште повеќе ќе ја намали довербата во оние коишто треба да ги претставуваат и да ги бранат нивните интереси. Мислам дека никој од претставниците на работниците не мисли да се скратат нивните работнички права во ек на ваква криза која прави раздор во нашето општество, но и во целиот свет.

Така да лично според мене, во овие бурни моменти потребно е да се покаже солидарност и разбирање, најмногу од страна на Владата која и ги носи одлуките. Работниците најмалку се виновни за ова што се случува. Многумина од нив се принудени да работат кај газди коишто воопшто не ги вреднуваат, а и најголемиот дел од нив земаат минимална плата. Имаме една од најевтините работни сили во светот. Со нивните примања не можат да врзат крај со крај во месецот. Својата плата ја вадат чесно истовремено придонесувајќи компанијата да има промет. Навистина сите работници заслужуваат да земат целосна плата додека се на боледување кое пак морале да го земат поради болеста.

Она што јас би го направил во вакви тешки моменти е воведување на данок на луксуз за најбогатите. Парите коишто би се влевале од данокот би ги пренасочил кон посиромашните. Нив им се најпотребни.

Бобан Илијевски

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на порталот Работник