МакедонијаСветот на работникотСиндикат

СГИП: Немаме отпуштени членови во градежната индустрија – се почитуваат мерките на Владата

   Време за читање 4 минути

Моменталната состојба во секторот градежништво е иста како и со сите сектори поради пандемијата од корона вирусот, велат од Синдикатот на работниците од градежништво, индустрија и проектирање – СГИП.

„Тоа значи не се работи со полн капацитет, но засега нормите се остваруваат, како во градежништвото така и во индустријата за градежни материјали. Дел од административните работници од компаниите кои можат работат од дома, работат и од дома. Имаме работници кои се ослободени поради одредени здравствени проблеми согласно препораките на овластените здравствени организации, работници кои користат годишен одмор итн.“, велат од СГИП.

Посочуваат дека најважно е што се работи и во време на владините мерки со пропишани правила и дозовли за движење од и до работа. Како Синдикат на градежните работници постојано се во контакт со нивните членови и засега нема отпуштени работници во компаниите каде што имаат членови од работа или доделени откази од деловни причини.

Прашани за тоа дали се почитуваат мерките и прерпораките од страна на Владата за заштита на работникот на работно место од СГИП истакнаа дека во компаниите каде работат нивни членови се почитуваат мерките и препораките.

„Дополнително како Синдикат заедно со Македонското здружение за заштита при работа изготвивме прирачник точно за секторот градежништво и индустријата за градежни материјали, кои права и обврски ги имаат работниците, но и работодавачите за време на пандемијата од корона вирусот. Се надеваме дека така и ќе продолжиме и наскоро ќе се надмине состојбата за да почне да се одвива се како и порано. Проблем и денес е нелојалната конкуренција од компании кои не почитуваат социјален дијалог, немаат синдикално организирано работници и истите ги злоупотребуваат на разни начини при тоа кршејќи го Законот за работни односи“, велат од СГИП.

Според нив, од друга страна Владата донесе одредени мерки кои не се добро објаснети и конфузни особено околу давањето помош за платите во оние компании кои се соочиле со потешкотии во работењето поради корона кризата. Најпрво беше кажано 14.500 денари колку што е износот на минималната плата согласно Закон, за потоа да испадне 14.500 денари бруто плата односно 9.000 денари нето по работник.

Во однос за тоа како ги оценуваат досегашните мерки на Владата кои ги засегаат градежните работници од СГИП навдоа дека засега мерките треба да се почитуваат од страна на сите бидејќи сите социјални партнери и граѓани се во борба со вирусот. Мора да се прават поредовни контроли на градилиштата од страна на трудовите инспектори, но тоа е проблем кој го имавме и пред корона кризата.

„Од друга страна постојано апелиравме дека секторот градежништво е од исклучително значење за домашната економија и порастот на БДПто кој директно зависи. За таа цел мора да продолжат капиталните инвестиции за изградба на инфраструктурните објекти кои се отпочнати или кои се планирани. Во секторот опфатени се преку 4.000 градежни компании со над 50.000 работници. Навистина работиме заеднички со сите во овој момент како не би дошло до колапс на системот“, истакнаа од СГИП.

Од таму нагласија дека пред нас имаме непријател кој мораме заеднички да го совладаме и повторно ги повикаа сите засегнати страни заеднички да делуваат секој во својот делокруг од работата се во интерес на работниците. Со тоа би се зачувале работните места што сметаат дека е приоритет во ова време на пандемијата.

Бобан Илијевски