Нискобуџетните авиокомпании ја менуваат тактиката во Европа
Европските нискобуџетни авиокомпании сè почесто затвораат или преместуваат бази поради растечките трошоци, послабата побарувачка и ограничената достапност на нови авиони, пишува Блумберг.
Во релативно краток период Wizz Air ја затвори базата во Виена и најави затворање на базата во Белград, додека Ryanair ја затвори базата во Берлин и најави повлекување од аеродромот во Ниш.
Според Конор Гејнор, аналитичар во Bloomberg Intelligence, повлекувањето на дел од авиокомпаниите може да го забави растот на понудата, но просторот за поскапување на билетите и натаму е ограничен, особено доколку финансискиот притисок врз патниците продолжи и во текот на зимата.
Дополнителен проблем за авиоиндустријата е растот на цените на нафтата, поттикнат од конфликтите на Блискиот Исток. Во исто време, привременото затворање на воздушниот простор над Доха и Дубаи во текот на пролетта доведе до доцнења и откажувања на летови, што дополнително ги зголеми трошоците и ја намали побарувачката.
Ryanair во текот на летната сезона беше принуден да ги намали цените на билетите за шест отсто, додека вкупните трошоци на компанијата пораснаа за 11 отсто. Според аналитичарите на Bloomberg Intelligence, бројот на понудени седишта во Европа до декември би можел да биде и до пет отсто поголем отколку една година претходно, што дополнително го ограничува просторот за раст на цените.
Компанијата веќе ги чувствува последиците од поскапувањето на горивото и слабеењето на побарувачката. Во првиот квартал од годинава Ryanair забележа пад на добивката од околу 34 отсто, на 538 милиони евра, и покрај тоа што бројот на патници се зголеми за шест отсто, на 61,3 милиони.
Wizz Air, пак, се обидува да одговори на новите услови со преместување на своите капацитети. Компанијата ја затвори базата во Виена, која функционираше од 2018 година, а паралелно отвора или разгледува бази на други пазари, меѓу кои Братислава и Приштина.
Џон Грант од компанијата OAG за Блумберг оценува дека поедноставениот оперативен модел, малата зависност од трансфер-патници и големиот број бази им овозможуваат на нискобуџетните авиокомпании многу побрзо да реагираат на промените на пазарот.
За овие компании, разлика од само неколку евра по патник може да биде доволна за да одлучат каде ќе ги стационираат своите авиони.
Состојбата дополнително ја влошуваат високите цени на горивото и доцнењата во испораките на нови авиони. Според проценките на IATA, просечната цена на авионското гориво годинава би можела да достигне околу 152 долари за барел, што е речиси 70 отсто повеќе отколку во 2025 година.
Само трошоците за гориво на глобалната авиоиндустрија би можеле да достигнат 351 милијарда долари, односно околу 35 отсто од вкупните оперативни трошоци.
Проблем претставуваат и доцнењата на Airbus и Boeing со испораката на нови летала. Според податоците на Bloomberg Intelligence, Airbus до крајот на јули испорачал 418 авиони од планираните 870 за целата 2026 година.
Аналитичарите на Bloomberg Intelligence предупредуваат дека ограничените производствени капацитети значат дека авиокомпаниите не можат едноставно да набават нови авиони и да ги префрлат на попрофитабилни пазари. Поради тоа, тие се принудени внимателно да одлучуваат каде ќе го распоредат ограничениот број авиони со кои располагаат.

