СДСМ со реакција до ВМРО-ДПМНЕ: Скандалозно е да се обвинуваат САД и „Бехтел“ за корупција
Владејачката СДСМ ги оцени како скандалозни и неодговорни обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за наводна корупција и криминал во врска со договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ кој треба да ги гради автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д.
„ВМРО-ДПМНЕ, партијата симбол на провизии од кинеските автопати продолжува да се противи на стратешките проекти во државата. Скандалозно и неодговорно, ВМРО-ДПМНЕ, партијата во заложништво на проруската Левица, ги обвинува САД и изведувачот ‘Бехтел’ за корупција“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Од Бихаќка повторуваат дека изградбата на делниците од коридорите 8 и 10-д е историски најголема инвестиција во патната инфраструктура за што се зборувало со децении, а денес се реализира во интерес на граѓаните и државата.
„Додека СДСМ и државата инвестира во капитални, стратешки проекти, во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е истата режимска партија, која останува симбол на корупција и криминал“, велат од владејачката партија.

