Вести

Скратено работно време од 6 месеци по родителско отсуство од 12 месеци – Може ли да стане реалност?

Бобан Илијевски

За родителството, некои луѓе велат дека е благослов, со оглед на тоа дека децата се најголемото и највредното богатство. Сепак, кога станува збор за родителското отсуство во работните односи, не толку многу се зборува во јавноста за унапредување на ова законски определено право кое е пропишано во Законот за работни односи. 

Имено, според членот 165, став 1 од актуелниот Закон за работни односи, работничката за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од 9 месеци непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) и следуваат 15 месеци родителско отсуство. Додека пак, во членот 167 се наведува дека доколку отсуството од работа за родителство не го користи работничката, тоа право го користи таткото или посвоителот на детето. 

Но, дали 9 месеци родителско отсуство се доволни?

Универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски за порталот Работник вели дека потребно е родителското отсуство да се зголеми на 12 месеци и да им се овозможи на родителите да се договорат кој колку ќе користи. Тој исто така смета дека потребно е и на еден од родителите да им се овозможи 6 месеци да работат на скратено работно време, со цел да може да поминува повеќе време со детото. 

„Сметам дека родителското отсуство треба да се зголеми на 12 месеци и притоа на еден од родителите да им се овозможи да работат на скратено работно време до шест месеци. Кој колку ќе искористи од отсуството, треба да се остави на родителите да се договорат“, рече Јовевски. 

Доколку одиме според сегашниот Закон за работни односи, детето би имало 7 до 8 месеци до истекнувањето на отсуството, а според искуството на мајките со кои разговараше „Работник“, на таа возраст детото не може се уште да јаде цврста храна, односно се уште пие млеко и консумира мека храна. Сепак, сето тоа зависи од самото дете. 

Според нив, подобро би било родителското отсуство да се зголеми на 12 месеци и притоа да се овозможи на еден од родителите да работи на скратено работно време, од три до шест месеци. 

Новите измени на ЗРО предвидуваат родителско отсуство од 12 месеци

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во април оваа година изјави дека со новите измени на Законот за работните односи, породилното отсуство би било околу 12 месеци, од кои 5 месеци се предвидени како задолжително отсуство на мајката, додека остатокот ќе може да се комбинира со таткото.

Но и во новите измени на Законот нема да биде регулирано скратено работно време по завршувањето на родителското отсуство. 

Синдикатот им овозможува платено родителско отсуство од 12 месеци

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија како работодавач, на своите работнички им овозможува платено родителско отсуство во период од 12 месеци, притоа преостанатите три месеци ги исплаќа синдикатот, велат од КСС.

Првиот човек на КСС, Благоја Ралповски за порталот Работник вели дека уште од формирањето на КСС во 2005 година, една од програмските цели е зголемување на родителското отсуство од 9 на 12 месеци, поради тоа што бројни истражувања, како и стандардите на Светската здравствена организација укажуваат на тоа. 

„Уште од формирањето на КСС во 2005 година, КСС започна да прави иницијативи родителското отсуство да се покачи од 9 на 12 месеци, затоа што е реално да биде 12 месеци според сите истражувања и стандардите на Светската здравствена организација“, вели Ралповски. 

Тој истакна дека тоа што може да се направи дополнително е да се воведе скратено работно време, бидејќи на децата им е потребен еден од родителите за да можат да се прилагодат пред да почнат во градинка.

За КСС, посочи тој, особен е важно целото породилно отсуство да го земе мајката, поради тоа што родителското отсуство се третира како мајчинство, потенцирајќи дека тоа е така и во други земји. Подвлече дека мајчинството никој не може да го замени. 

Потребна е сериозна анализа на пазарот, но и на социјалниот систем во државата

Побаравме став и од работодавачите, конкретно од Алексндра Андреева којашто е сопственик на сметководствено биро. 

Таа за порталот Работник вели дека ова е комплексно прашање на кое не може да му се пристапи еднострано со да или не. 

„Како работодавач, но пред се како родител на две мали деца сметам дека пред било каква законска измена мора да се направи сериозна анализа на пазарот, но и на социјалниот систем во државата. Честопати сакаме да се поистоветиме со западните земји, каде породилното отсуство е подолго, или постојат опции за скратено работно време по враќањето на работа, но мора да бидеме реални дека нивните социјални системи кои финансиски ги поддржуваат родителите и бизнисите во текот на целиот процес, се далеку поразвиени и постабилни од нашиот“, истакна Андреева. 

 Андреева вели дека ја разбира и почитува желбата да се биде подолго време со децата, со оглед дека и таа самата е родител, но од друга страна вели: „децата за нас ќе се деца без разлика на возраста, што значи дека останатите аспекти од нашите животи треба или може да запрат, вклучувајќи го и професионалниот живот. 

Подвлече дека ова во голема мера е субјективно прашање за секој родител поединечно, за потребите на семејството во одреден сегмент, но исто така и е сериозно прашање за бизнсиот, односно дали работниот процес може да го поднесе тоа, во поглед на ефективноста и ефикасноста, но и на финансиската стабилност.

Според неа, доколку државата се одлучи за законски измени во таа насока, мора да ги согледа сите аспкети, без да има сериозни последици по засегнатите страни. Смета дека со позитивна кампања и стимулации може да се поттикне самоиницијативно наоѓање на оптимално решение, онака како што и самата имплементирала во нејзината компанија. 

Порталот Работник испрати дополнителни прашања до Министерството за труд и социјална политика во однос на тоа дали би можело законски да се регулира скратено работно време за еден од родителите, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор. 

Напоменуваме дека Порталот Работник започна со спроведување на анкета околу родителското отсуство и скратеното работно време за родителите чии што податоци ќе бидат објавени откако истата ќе заврши. 

Фото: Freepik